Линкови за пристапност

Без странски туристи сезоната ќе биде промашена, вели туристичкиот сектор


Без странски гости оваа туристичка сезона ќе биде промашена, вели туристичкиот сектор
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:38 0:00

Сите гости се добредојдени, меѓутоа економската моќ на странските туристи е сепак поголема, велат од туристичкиот сектор

И додека државата ја турка кампањата „Дома си е дома“, со цел да се привлечат што е можно повеќе домашни гости во туристичките локалитети низ земјава, туристичките работници сметаат дека Македонците не можат да ја спасат оваа сезона, туку можат само да помогнат да се ублажат загубите.

Според нив, оваа сезона нема да има доволно странски гости, како последица на пандемијата од коронавирусот.

Голем дел од тие аранжмани веќе се откажани и тоа до крајот 2020 година.

„Сите гости се добредојдени, меѓутоа економската моќ на странските туристи е сепак поголема, а на домашните гости економската моќ е помала. Со самото тоа сите сектори, сите области кои се поврзани со туризмот, ќе имаат многу помали приходи“, вели Јаким Маленко, сопственик на туристичка агенција.

Филип Стефановски, сопственик на туроператор, вели дека од странските гости имаме Холанѓани и Полјаци, кои ноќеваат по седум, десет или 14 дена.

„Не можеме никако да ја вратиме оваа сезона. Треба да се потрудиме што поскоро да излеземе од оваа криза и да направиме некоја стратегија во 2021 година да се вратиме од ова лудило“, вели тој.

Според Климент Наумов, туристички водич, без странските туристи сезоната ќе биде промашена.

„И секако дека ќе бидат претрпени големи загуби. Но, сметам дека со локалните туристи ние можеме да бидеме барем над нулата“, вели Наумов.

Но, некои се оптимисти. Велат дека во ситуација кога и патувањето на македонските грашани надвор од државата станува понеизвесно, ова е можност да ги запознаат убавините на земјата.

„Знаеме дека и нашите деца не си ја познаваат својата држава. Така да добро би било да видат што нудиме ние. Можеби нема да не` спасат премногу, но, ние велиме ќе имаме некој обрт. И 30 и 40 отсто да работиме од тоа што сме го работеле, ќе бидеме задоволни“, рече Муса Рашид, сопственик на хотел.

Од Агенцијата за подршка и промоција на туризмот, велат дека ова ќе придонесе за поддршка и на сите инволвирани во туризмот, но, и на домашната економија.

Во меѓувреме, и Владата најави помош, преку ваучери од 6.000 денари, наменети за оние граѓани кои имаат приходи кои не надминуваат 15.000 денари, а кои ќе можат да ги искористат во домашните туристички објекти, како и платежна картичка од 3.000 денари, која ќе може да ја користат во угостителските објекти во државата.

Носењето на маски и друга заштитна опрема, ќе биде неизбежно во Охрид, во угостителските објекти и на шеталиштата и плажите.

Од туристичкиот сектор велат дека ваква туристичка сезона ќе биде тешка за реализација.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG