Линкови за пристапност

Торнадо уби најмалку 91 лице во Оклахома


Tорнадо со ветрови од 320 километри на час предизвика масивна штета во понеделникот попладне, во населбата Мур, во Оклахома Сити.

Се стравува дека најмалку 91 лице загинало во централната американска држава Оклахома, каде торнадо со ветрови од 320 километри на час предизвика масивна штета во понеделникот попладне.

Спасувачките екипи продолжуваат да бараат преживеани во Мур, населба на Оклахома Сити, каде торнадото срамни со земја цели области и крена голема количина отпад во воздухот.

До сега, 51 лице е потврдено мртво, вклучувајќи најмалку 20 мали деца кои биле на училиште кога торнадото удрило.

Медицинските власти велат дека рано во вторник очекувале уште 40 смртни случаи. Најмалку 120 лица биле повредени.

Спасувачите извлекле неколку деца живи од урнатините на две училишта кои биле погодени.

Гувернерката на Оклахома Мери Фолин на новинарите им кажа дека „скршени се срцата“ за родителите кои ги бараат своите деца. Таа испрати припадници на Националната гарда и дополнителна полиција да помогнат во спасувачките операции.

Претседателот Барак Обама објави вонредна состојба во Оклахома како резултат на невремето. Тој нареди на Федералната агенција за справување со вонредни состојби да обезбеди секаква помош што на Оклахома и` треба.

Секретарката за домашна безбедност Џенет Наполитано изрази сочувство за погодените од невремето и вети „секакви расположиви ресурси“ за помош на погодените области.

Националната метеоролошка служба кажа дека силата на ова торнадо била ЕФ-4, второ по јачина на скалата со пет нивоа што ја мери опустошувачката моќ на невремето.

Мур, во Оклахома, исто така било погодено од смртоносно торнадо во 1999.

Торнадото од понеделникот е најсмртоносно во САД од 2011, кога во населбата Џоплин, Мисури торнадо уби 161 лице.
XS
SM
MD
LG