Линкови за пристапност

Мерки против користењето на тутунот спасуваат животи


Агенцијата на ОН вели дека „епидемијата на тутун“ е една од најголемите закани за јавното здравје со кои светот воопшто се соочил.

Светската здравствена организација вели дека кампањите против пушењето и други мерки за контрола на користењето на тутунот може да спасат милиони животи ако се прифатени во цел свет.

Во извештај објавен во среда, агенцијата на ОН вели дека еден од најмоќните методи за контрола на користењето на тутунот е забрана на рекламирањето на производите, забрана на промотивни и спонзорски активности.

СЗО проценува дека три милијарди луѓе живеат на места каде целосни или делумни забрани на рекламирање на цигарите се во сила, што е голема цифра, но сепак помалку од половина од сегашната популација на светот.

СЗО вели дека 24 држави, дом на околу 10 проценти од седумте милијарди луѓе во светот, целосно забраниле рекламирање на тутунот, промоција и спонзорство на овој вид производи. Сепак, агенцијата вели дека конзумацијата на тутунот во светот се` уште е во пораст, особено во државите со ниски и средни примања.

Агенцијата на ОН вели дека „епидемијата на тутун“ е една од најголемите закани за јавното здравје со кои светот воопшто се соочил. Околу шест милиони луѓе годишно умираат од болести поврзани со тутунот, вели СЗО, но таа цифра може да порасне до осум милиони доколку не се прошират и зајакнат контролните мерки.

Меѓу другите мерки, СЗО ги охрабрува владите да воведат забрани на пушењето во ресторани и јавни места, зголемување на даноците на тутунски производи и барање за јасни предупредувања по здравјето на пакувањето на цигарите.

Тутунот предизвикал 100 милиони смртни случаи во 20-от век, велат стручњаци на СЗО, и ако сегашниот тренд продолжи, таа цифра можа да порасне до една милијарда во 21-от век.

Потенцијално фатални болести поврзани со тутунот вклучуваат кардиоваскуларни болести, дијабетес, рак и хронични респираторни болести.
XS
SM
MD
LG