Линкови за пристапност

Тутунарите најавија протести пред Собранието


Тутунарите најавија протести пред Собранието
Тутунарите најавија протести пред Собранието

Тутунарите пред Собранието ќе протестират додека во собраниската сала ќе се одржува седница посветена на овој проблем. Тие ќе бараат закон за тутун со кој ќе се гарантира откупната цена

Во вторник пред Собранието на протести доаѓаат тутунопроизводителите, за да го искажат, како што наведуваат, незадоволството од ниската цена на откупот на тутунот и од начинот на кој тој се класифицира.

Тутунарите пред Собранието ќе протестират додека во собраниската сала ќе се одржува седница посветена на овој проблем. Тие ќе бараат закон за тутун со кој ќе се гарантира откупната цена.

„За тутунот се носи закон, тој закон го носи Владата и никој друг. Ова не е пазарна економија, пазарна економија може да биде за млеко, за пипер и други култури, нека не ги лажат луѓето, точно се знае дека Владата носи закон за тутун и таа може да го реши ова прашање. Затоа утре ги повикуваме масовно сите тутунари и сите земјоделци да не` поддржат во нашите намери“, изјави Кире Неделкоски, водач на протестите.

Владата од своја страна дава поддршка на незадоволството на тутунарите, но се оградува од проблемот со ниските цени, кои, според Владата, зависат од пазарната економија и состојбите на светскиот пазар. Министерот за земјоделство вината ја префрла на откупните компании.

“Ние цениме дека барањата на тутунопроизводителите се навистина оправдани и тие од страна на откупувачките компании во овој период се драстично оштетени, преку ригорозната проценка на квалитетот на тутунот, една или две класи под реалното“, изјави Љупчо Димовски, министер за земјоделство.

Наспроти ставот на Владата, тутунарите сметаат дека тутунот како стратешки производ не може да биде препуштен да зависи од пазарната економија, бидејќи, како што велат, на тој начин тие ќе бидат оневозможени да продолжат да ја одгледуваат оваа стратешка земјоделска култура во Македонија.

Тутунарите добија поддршка и од другите земјоделци.

„Во името на Асоцијацијата на земјоделците, изјавувам дека ги поддржуваме протестите на тутунопроизводителите, закажани за вторник, затоа што ние сметаме дека нивните барања се оправдани. За да бидеме единствени и појаки, ги повикувам сите прави земјоделци да дојдат во вторник на овие протести, да им дадеме сите поддршка на тутунопроизводителите, на земјоделците“, рече претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев.

Владата исто така обвини дека дел од тутунарите се манипуларани од опозиционите партии и дека во позадина на протестите постојат полтички интереси.

„Ние партиски пари бараме, или нашите пари си ги бараме? Мене не ми е јасно, зар не знае Владата ние што бараме? Се знае дека ние бараме пари, не бараме партии, тие наши апели секој ден се исти“, вели тутунарот Селим Селимоски.



XS
SM
MD
LG