Титовистите во Охрид се надеваат дека ќе го вратат култот на ликот и делото на поранешниот претседател на Југославија Јосип Броз Тито.
Токму тоа, велат тие, била основната причина поради која пред четири години го формирале здружението „Титовисти“.
Во нивните канцелари во Охрид, тие се` уште го чувствуваат титовизмот. Со внимание ги негуваат бронзената скулптура и неколкуте фотографии со неговиот лик.
„Некој ќе рече дека сакаме да го вратиме времето на Тито, на социјализмот или дека живееме во комунизмот. Но, не е така. Единствена цел на нашето Здружение е да ги зачуваме датумите, кои се поврзани со ликот и делото на Јосип Броз Тито, односно да ги споменеме пред пошироката јавност“, вели Томчо Алексоски, секретар на здружението „Титовисти“.
На Здружението, кое денес брои околу сто членови, му се приклучуваат и млади луѓе
„Не нудиме нешто што нудат политичките партии во државата, но, ја нудиме почитта кон младите. Ги почитуваме младите, и им ја пренесуваме пораката да го почитуваат тој човек“, вели Алексоски.
Фанче Ѓорѓиевска, член на „Титовисти“ открива кога била титов пионер.
„Бев во Социјалистичка младина на Југославија, активист и член на претседателство на општинската организација. Јас се трудам да бидам активна и да ги следам сите активности на титовистите. Сакам што повеќе да има масовност“, вели таа.
Титовистите велат дека е многу тешко, во време на актуелните општество политички случувања, да се зборува за идеи, личности и датуми од други времиња.
„Македонските антисоцијалисти и антикомунисти не можат да го оспорат тоа што за Јосип Броз Тито е запишано во британската енциклопдија, а тоа е дека имал позитивен однос кон македонска нација, народ и држава“, вели Димитрија Стојчески, почитувач на делото на Тито.
Титовистите велат дека не се политички активни, и оти по излегувањето од политичката партија „Титови леви сили“ делуваат единствено како здружение на граѓани.
Бараат кејот Македонија во Охрид да го добие старото име Маршал Тито, како и да се постави биста со неговиот лик во центарот на градот.
И покрај тоа што опстојуваат со потешкотии, не се откажуваат од нивните програмски цели, преку различни активности да одбележуваат се` она што е поврзано со Тито.
Facebook Forum