Ексминистерот Миле Јанакиески, градоначалникот на Пустец во Албанија, општина со мнозинско население од етнички Македонци, Едмонд Темелко, поранешниот претседател од една општинска Изборна комисија Коста Митровски и вработениот во една од скопските полициски станици, Мунир Пепиќ, остануваат на слобода, зашто доцна попладнево, Кривичниот совет од Одделот за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1, ги одби како неосновани жалбите на Специјалното Јавно обвинителство, за нивно задржување во притвор, а против ова решение кое испратено и до странките, не е дозволено право на жалба. По испитувањата на осомничените во петокот и во понеделникот, денес судот ги одби сите барања за одредување мерка притвор за првите четворица осомничени.
Кривичниот суд утре ќе испрати соопштение за одлуката околу евентуалното одредување на мерка притвор за екминистерката Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на владата Кирил Божиноски, членот на општинска изборна комисија Исмет Гури и уште двајца осомничени. Откако Специјалното Јавно обвинителство пласираше став на социјалните мрежи дека Кривичниот суд, со решението на судија на претходна постапка за неопределување на притвор, „пропуштил шанса да се запише во историјата“, тоа го обжали решението на Судот, со став дека блиските соработници на премиерот Никола Груевски, Јанкуловска, Јанакиески и Божиновски, се осомничени дека се организатори на злосторничко здружување кое незаконски го прекршувало изборниот процес, треба да бидат притворени зашто можат да влијаат врз сведоци или врз текот на постапката
Судиите во претходна постапка им изрекоа мерки за претпазливост на градоначалникот Темелко, кој треба еднаш неделно да се јавува во судот во Ресен, и на поранешниот секретар на ОИК во Чаир, Гури.
Непритворањето на осомничените во случајот „Титаник“, во кој деветмина се сомничат за злосторничко здружување и криминализација на изборите, предизвика реакции во дел од медиумите и во опозиционите кругови. Особено затоа што и дел од експертската јавност реагираше дека Судот, наводно, внел нов начин на толкување и примена на Законот за кривична постапка, со тоа што почнал да одлучува - откако стигнале сите жалби во предметот „Титаник“, а не во роковите од 6, 12 и 48 часа како што предвидува Законот за кривична постапка.
Ваквите полемики на правниците, предизвикаа и медиумски најави дека најверојатно ќе биде неминовно воведување и на Специјален суд, бидејќи, став на голем дел од експертите е дека во судство кое е корумпирано како македонското, нема можност за судење во духот на законот и дека е неопходен Специјален суд како независно тело за случаевите што ќе произлезат од Специјалното обвинителство. Иако најверојатно нема ни време за формирање на нов суд, дел од експертите кои ја поддржуваат владејачката гарнитура, тврдат дека формирањето на Специјален суд би била политичка одлука и дека не треба да се дозволи.