Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, во вторникот рече дека САД и нивните европски сојузници признаваат дека постои „активна закана од ново-пројавената Русија“ и дека САД „ја зајакнале својата одвраќачка и одбрана определба во Европа“ против Москва.
Коментарот на Тилерсон дојде неколку дена пред да замине во посета на Европа, каде ќе има средби со министрите за надворешни работи од Северноатлантскиот совет и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Главниот американски дипломат рече и дека агресијата на Русија во Украина е „пречка што опстојува“ за подобрување на ладните билатерални врски меѓу Вашингтон и Москва.
„Односите нема да се нормализираат додека не ја решиме Украина“, рече Тилерсон во своето обраќање во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон.
„Секое решение на војната што не вклучува целосно независна, суверена и територијално комплетна Украина, е неприфатливо“, рече тој, не осврнувајќи се на тоа дали САД ќе обезбедат оружје за Украина да се брани.
Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека Москва интервенирала во источна Украина за да ги заштити руските говорници. Русија негира дека се меша во европската политика и избори.
Курт Вокер, специјалниот претставник на САД за преговорите во Украина, претходно годинава за Гласот на Америка изјави дека аргументите за продажба на смртоносно оружје како предизвик за Русија или охрабрување за Украина да нападне се „погрешни“.
„Русија е веќе во Украина, веќе е во голема мера вооружена, има повеќе руски тенкови таму отколку во цела западна Европа. Тоа е големо, големо воено присуство. И, постои уште поголемо воено присуство во опкружувањето на Украина од руска територија“, изјави Вокер за време на интервјуто на 25-ти јули, за руската редакција - заеднички управуванa од Радио Слободна Европа и Гласот на Америка.
Стивен Бланк од Американскиот совет за надворешна политика, кој поддржува трансфер на американско оружје во Украина, рече дека вооружувањето може да помогне „да се засили европскиот и НАТО отпорот кон Русија“.
Во извештај објавен од истражувачка група на Атлантскиот совет, Бланк кажа дека Украина е на фронтална линија на војната на претседателот Владимир Путин против Западот, и вооружувањето на Украина ќе направи потешко за Москва да се заканува на Киев преку средства како „терор, пропаганда, информациска војна и корупција“.
Атлантскиот совет исто така објави извештај во вторникот, повикувајќи на постојано американско воено присуство на Балканот за стабилизирање на јужноевропскиот регион, поради зголемените руски напори за политичко влијание. Извештајот, објавен пред конференцијата на 29-ти ноември, каде присуствуваат високи балкански претставници, повикува на историско „американско-српско приближување“ и подобрени економски перспективи за претежно муслиманската младина во регионот, особено преку големи инфраструктурни проекти насочени кон меѓусебно поврзување на балканските земји и подобрување на пристапот до европското копно.
Дени Дејвис, виш соработник од „DefensePriorities.org“ од Вашингтон и пензионираниот потполковник, за Гласот на Америка рекоа дека активностите на Русија ги предупредуваат другите да се држат настрана.
„Искрено не гледам докази, ниту логика што покажува дека Русија има агресивна желба за преземање на балтичките земји или нешто слично, зашто тоа би го покренала членот 5, а тоа би предизвикало сите да се здружат и да да одат против Русија, а тоа Русија не може да си го дозволи“.
Професорот за меѓународни прашања на универзитетот во Денвер, Џонатан Аделман, рече дека преку активностите на Русија во Грузија и Украина, Путин сака да им покаже на Русите дека „ја обновува царската империја“.
„Но, тој нема способност навистина да го направи тоа, ниту волја ниту можност“, изјави Аделман за Гласот на Америка. „Тие трошат 70 милијарди долари на нивната армија, а ние потрошивме 670 милијарди долари на нашата“.
Секретарот Тилерсон зборуваше и за другите дестабилизирачки активности на Москва, вклучувајќи го заплашувањето на американски дипломати, кибернетски напади, војна со информации и помагањето на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад кој користи хемиско оружје против својот народ.
Тилерсон рече дека администрацијата на Доналд Трамп побарала 4,8 милијарди долари од буџетот за т.н. Европска иницијатива за одвраќање, која овозможува обука и вежби со европските сојузници за подобрување на подготвеноста на американските сили во Европа.
Неколку часа пред извештаите за активирањето на нов балистички проектил од страна на Северна Кореја, Тилерсон истакна дека САД и нивните европски сојузници ја зголемуваат дипломатската и економската кампања за притисок против нуклеарните и ракетните закани од Северна Кореја.
Тилерсон додаде дека агресијата на Северна Кореја претставува закана за сите нации, поради што бара координиран одговор.
Facebook Forum