Линкови за пристапност

Тилерсон и Лавров ќе разговараат за Сирија и Украина


САД објавија дека внимателно ќе го разгледаат планот на Русија за воспоставување зони за „де-ескалација“ во Сирија.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон утре во Вашингтон ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров на разговори за Сирија, Украина и други прашања.

Во соопштение на Стејт департментот се вели дека: „Во врска со Сирија, државниот секретар има намера да разговара за напорите за де-ескалација на насилството, обезбедување хуманитарна помош за сирискиот народ, и подготовки за политичко решение на конфликтот“.

Соопштението уследи кусо време откако американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис изјави дека САД внимателно ќе го разгледаат планот на Русија за воспоставување на таканаречени зони за „де-ескалација“ во Сирија.

„Ѓаволот секогаш е во деталите“, рече Матис откако беше запрашан за иницијативата. „Ние ќе го разгледаме предлогот, ќе видиме дали може да функционира“, додаде тој.

Русија, Турција и Иран се согласија со минатонеделниот предлог на Москва за воспоставување на овие зони“ во Сирија, во обид да се стави крај на шестгодишниот конфликт во земјата.

Предлогот повикува на преземање мерки за намалување на борбите во четири области во Сирија каде бунтовниците кои не се поврзани со организацијата Исламска држава, имаат контрола врз значајна територија.

Планот произлезе од последната рунда мировни преговори што Русија, Иран и Турција ги одржаа во Астана, Казахстан.

САД имаа виш официјален претставник на состанокот, но не се потписници на договорот.

Иницијативата влезе во сила во петокот на полноќ. Русија соопшти дека зоните се затворени за авиони на коалицијата предводена од САД.

Мировните преговори во Астана се одвоени од напорите на Обединетите Нации за приближување на завојуваните страни во Сирија на преговори, со цел запирање на борбите и започнување на политичката транзиција со донесување на нов Устав и избори.

Пратеникот на ОН за Сирија, Стафан де Мистура вчера изјави дека се надева оти новиот план ќе биде спроведен во целост, и ќе помогне да се воспостави подобар тон пред почетокот на следниот круг разговори меѓу сириската влада и бунтовниците предводени од ОН, кои треба да започнат на 16-ти мај во Женева.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG