Линкови за пристапност

Тилерсон во Кина за притисок врз Пјонгјанг


Дипломатијата е и натаму прва опција за американската администрација за справување со Северна Кореја

Ескалацијата на реториката меѓу лидерите од Вашингтон и Пјонгјанг, само надодава на веќе растечкото чувство на песимизам дека можно е да има мирна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Но, дипломатијата е и натаму прва опција. Државниот секретар Рекс Тилерсон бара соработка од Кина за сузбивање на севернокорејските провокации и прави терен за првата посета на претседателот Доналд Трамп на Кина, во ноември.

„Се подготвуваме за важната посета на претседателот Трамп, сакаме да разговараме за агендата, по што ќе ги продолжиме разговорите за бројни други важни прашања. Секако дека во фокусот ќе биде и Северна Кореја“, истакна шефот на американската дипломатија.

Кина е трговски партнер број еден на Северна Кореја. Вашингтон вели дека помошта од Кина е клучна за економските санкции врз Пјонгјанг.

„Веќе ги спроведуваме санкциите врз различни ентитети во Кина и во други земји. Се однесуваат на севернокорејската трговија, нелегално ширење на оружје, што влијае на леснотијата со која можат да ги прават трансакциите. Влијание ќе има и на нивната валута, со цел, зголемен притисок на режимот“, вели Сузан Тортон, вршител на должноста заменик-секретар за Источна Азија и Пацификот.

Но, според Даглас Пал, експерт за Азија и поранешен претставник на администрациите на Реган и Буш, влијанието на Кина врз Северна Кореја е ограничено.

„Северна Кореја е мошне неодлучна во следење на инструкции од Кина. Може да експлоатира што и да е од оваа земја, но не би зела предвид политички насоки. Оттука, ова е проблем со кој САД и Јужна Кореја со ќе треба директно да се справат“.

Јужнокорејскиот министер за надворешни работи порано неделава изјави дека иако времето истекнува, и натаму има простор за дипломатија.

Посетата на Тилерсон на Кина ќе уследи по онаа на секретарот за трговија Вилбур Рос, кој истакна дека Кина треба да обезбеди фер третман за американските компании, што би го вклучил и принципот на реципроцитет.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG