Линкови за пристапност

САД: Северна Кореја да покаже подготвеност за дијалог


И Кина изврши притисок за ставање крај на нуклеарната програма на Пјонгјанг

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, кажа дека најдобриот чекор што Северна Кореја би можела да го преземе, е да сигнализира подготвеност за дијалог со кој ќе биде ставен крај на ракетните тестови.

„Не сме имале подолг временски период, кога тие не презеле некаква провокативна акција со лансирање на балистички проектили. Мислам дека тоа ќе биде прв и најсилен сигнал што би можеле да го испратат до нас, да запрат со нивно лансирање“, истакна Тилерсон.

Тој зборуваше од Манила, каде што учествува на регионалниот форум на Асоцијацијата на нации на Југоисточна Азија (АСЕАН).

Тилерсон додаде дека едногласното усвојување на новите санкции кон Северна Кореја од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации, испраќа порака дека целата меѓународна заедница смета дека активностите на Пјонгјанг се неприфатливи и дека очекувањата за Корејски Полуостров без нуклеарно оружје, се јасни.

Државните севернокорејски медиуми издадоа соопштение во кое ги осудија санкциите, ветувајќи одмазда кон САД и ја потврдија позицијата на државата дека санкциите нема да ги принудат да преговараат за нуклеарната програма. Без дополнителни детали, Пјонгјанг кажа дека ќе преземе „акција на правдата“ и рече дека САД прават грешка ако веруваат дека нивното копно е безбедно, бидејќи двете држави ги дели океан.

Од Белата куќа соопштија дека претседателот Доналд Трамп и неговиот јужнокорејски колега, Мун Џеј-ин, во телефонски разговор се обврзале на целосно спроведување на сите релевантни резолуции на ОН во врска со Северна Кореја, а „меѓународната заедница ја повикаат да го стори истото“.

Претходно, Кина ја повика Северна Кореја да ги запре ракетните и нуклеарни тестови, велејќи дека Пјонгјанг не треба да ја „провоцира добрата волја на меѓународната заедница“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG