Луѓето кои што живеат во Њу Џерси, Џорџија, Флорида и Калифорнија се под најголем притисок во земјата, според онлајн советникот за кариера Зипиа.
Во проценката на нивото на стрес Зипиа мери шест фактори, како што се долгото патување од дома до работното место, невработеноста, работните часови, густината на населението и цените за домување. Колку овие фактори се повисоки толку во таа држава животот е постресен.
Њу Џерси е на врвот на листата бидејќи неговите жители работат многу, долго патуваат за на работа, и генерално цените на домовите се високи во споредба со платите. Калифорнија, домот на Холивуд, националниот центар на забава, и Силиконската долина, или таканаречениот технолошки главен град на светот, исто така се вбројуваат во првите 10. Зипиа наведува дека цените на куќите се толку многу високи на Западниот брег што колку пари и да заработуваш, најголем дел од приходот ќе оди на станарина или на ратата за кредит за купување куќа.
Њујорк е на петто место. Њујорчаните најдолго патуваат на работа. Мериленд е на седмо место со седмо најдолго време на патување на работа во САД.
Заборавете на сликата на јужњаците кои лежерно си пијат лимонада или засладен ладен чај на тремот во бавните летни попладниња. Реалноста е таа дека на листата на најстресни држави има повеќе југоисточни држави од било кој друг регион во земјата. Џорџија, Луизијана, Мисисипи и Вирџинија се меѓу топ 10.
Пониските стапки на образование, придружени со висока невработеност, висока стапка на неосигурени и долго патување на работа, ја ставаат Џорџија на работ. Луѓето во Луизијана вообичаено работат повеќе часови во викенд одошто луѓето во другите држави, додека многумина во Северна Каролина се и невработени и неосигурени.
На врвот со многу работни часа, жителите на Вирџинија, исто така, долго патуваат на работа. Мисисипи е на листата поради тоа што има највисока стапка на невработеност во нацијата.
За помало ниво на стрес во земјата морате да одите на Средниот Запад. Генерално, жителите на Ајова, Минесота, Небраска, Северна и Јужна Дакота, се Американците кои уживаат во најниско ниво на стрес.
Facebook Forum