Линкови за пристапност

На Денот на благодарноста Трамп повикува на единство


Полицијата во Њујорк ги зголеми безбедносните мерки за време на традиционалната парада

Денеска Американците го прославуваат Денот на благодарноста и традиционално се собираат во кругот на семејството, со вкусно јадење, гледаат паради, фудбалски натпревари. За многумина ова значи и почеток на сезоната на шопинг.

Зголемени безбедносни мерки и овојпат ќе бидат дел од годишната 90-та по ред парада на „Мејсис“ во Њујорк, соопшти полицијата. Иако нема докази за веродостојни закани, надлежните органи изјавија дека по 4-километрската рута на парадата низ Менхетен ќе бидат распоредени преку 3.000 полицајци.

Њујоршката полиција годинава има зголемен ангажман – дополнително ја обезбедува и кулата Трамп, домот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, што се наоѓа во непосредна близина на парадата.

Трамп со семејството празникот го минува во Палм бич, Флорида. Преку порака по повод Денот на благодарноста на социјалните мрежи, тој повика на единство во земјата.

„Време е за обновување на довербата меѓу граѓаните, бидејќи кога Америка е обединета, не постои ништо што не е на дофат“, истакна Трамп преку Твитер.

За последен пат додека е на функцијата, претседателот Барак Обама помилуваше две мисирки. Традицијата во Белата куќа датира од 1947-та година.

Претходно, во неделното обраќање до нацијата, Обама истакна дека „Денот на благодарноста не` потсетува дека без оглед на разликите, се` уште сме еден народ, дел од нешто поголемо од самите себеси. Ние сме заедници кои одат напред, заедно. Ние сме соседи коишто се грижат еден за друг, особено оние меѓу нас кои имаат помалку. Ние, едноставно, секогаш сме Американци.

Претседателот на САД додаде дека Американците „се сплотени не само преку една раса или религија, туку преку посветеноста на единствено верување – дека сите сме еднакви. Дека мислиме, обожуваме, зборуваме и сакаме некого, онака како што ни` одговара“.

Денот на благодарноста има бројни традиции, а една од нив се патувањата за да се биде со семејството и пријателите. Се очекува годинава да патуваат речиси 49 милиони луѓе, еден милион повеќе од мината година.

Со тоа што празникот се слави на последниот четврток од ноември, значи и почеток на празничната сезона во САД.

Таканаречениот „Црн петок“ веднаш по овој празник, е познат по големи намалувања на цените во продавниците.

XS
SM
MD
LG