Тајланд веќе прогласи победа над коронавирусот. Оваа држава со 69 милиони жители досега регистрираше околу 3000 заболени од вирусот и 56 смртни случаи, со што смртноста е помала од еден процент, а со денови нема нови заболени.
Магдалена Лембовска, истражувач од Македонија, која е на студиски престој на Универзитет Чулалонгкорн во Бангкок, Тајланд за Гласот на Америка раскажува како оваа држава успеа да се избори со коронавирусот.
„Бројките засега се многу охрабрувачки. Тајланд беше првата земја надвор од Кина која што регистрираше прв случај на Ковид-19 и тоа веднаш на 13 јануари. До денес се регистрирани вкупно 3.033 инфекции и 56 смртни случаи. Станува збор за држава со 69 милиони жители, што значи дека имаат 43 инфекции и 0,8 смртни случаи на милион жители, што е сепак охрабрувачка бројка. Во последните десет дена или нема нови нови заболени или има по еден или двајца, во секој случај бројот е едноцифрен“, вели Лембовска.
Бангкон како врвна туристичка дестинација допрва ќе се соочува со предизвикот како да го обнови туризмотМагдалена Лембовскa, истражувач, Универзитет Чулалонгкорн, Бангкок
Таа посочува дека за Тајланд од помош биле и искуствата од претходни епидемии, како што беше епидемијата на САРС. „Државата беше доста спремна, што се потврди и со различни истражувања за тоа како земјата би се справила со ваков тип на проблеми. Тајланд има многу проблеми на економски план, но здравствениот систем е доста добар, вклучувајќи ги и јавните здравствени установи и приватните болници, така што мислам дека на тоа многу се должи ниската стапка на смртност. Постојано се спроведуваат мерките во смисла на физичко дистанцирање, строга дезинфекција, строга хигиена. Луѓето постојано носат маски, иако маските не се задолжителни на улица, туку во продавниците и други објекти. Верувам дека свеста за тоа им е повисока токму заради претходните такви искуства.“
Тајланд во моментов е во втора фаза на олабавување на мерките кои што беа воведени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. „Веќе се отворија шопинг центрите кои први беа затворни поради пандемијата. Рестораните прво работеа со достава и земање на храна, а сега се отворени за седење, но со почитување на мерки за социјално дистанцирање.“
Таа вели дека сепак треба да се земе во предвид дека Бангкон како врвна туристичка дестинација допрва ќе се соочува со предизвикот како да го обнови туризмот тешко погоден од пандемијата. „Бангкок веќе неколку години е рангиран како најпосетуван град во светот, така што туристите се многу важен дел од животот, но нив сега ги нема. Аеродромот е затворен за нови пристигнувања. Економските последици и она што ќе се случува со туризмот, бидејќи цела економија доста се потпира на туризмот, е еден од предизвиците кој сега се разгледува настрана од здравствениот аспект“, вели Лембовска.
Facebook Forum