Линкови за пристапност

Вонредна состојба во Тексас: 30 илјади луѓе упатени кон засолништа


Штетата од ураганот Харви допрва ќе се проценува

Областа околу Хјустон, Тексас, и натаму се справува со историските врнежи од дожд, како последица на ураганот „Харви“. Дождовите се очекува да продолжат и наредните неколку дена, а спасувачките екипи се обидуваат да помогнат во извлекување на лицата заглавени во поплавите. Досега животот го загубиле две лица.

Властите проценуваат дека на преку 30.000 лица, ќе им биде потребно засолниште. До овој момент, спасени се околу 2.000 жители, а стотици други се и натаму заглавени. Метеоролозите очекуваат тропската бура во околината на Хјустон во текот на ноќта да донесе и до 25 сантиметри нови врнежи од дожд.

Патрик Бурк, од Американскиот метеролошки предупредувачки центар, за Гласот на Америка изјави дека најрано до среда се очекуваат нови 40 до 60 сантиметри дожд.

„Според пораките што ги добиваме, никогаш досега не сме виделе ваква бура, не сме виделе вакви количини на волку голема површина, штетата е веќе катастрофална и, за жал, ситуацијата нема да се промени и наредните денови“, истакна Бурк.

Во спасувачките напори помагаат 3.000 припадници на Националната гарда и Инженерскиот корпус на американската армија. Низ регионот има стотици операции со екипажи во хеликоптери и чамци, кои им помагаат на заглавените лица, а волонтери се приклучија на полициските, противпожарните и медицинските екипи.

Гувернерот на Тексас Грег Абот, рече дека ќе побара помош од уште 1.000 војници на Националната гарда во Хјустон. Тој прогласи вонредна состојба во околу една четвртина од општините во сојузната држава.

Секој главен автопат во и надвор од Хјустон стана река, а двата аеродрома во градот се затворени.

Бидејќи невремето можеше детално да се предвиди, се поставуваат прашања, зошто не била наредена масовна евакуација за локалното население?

Градоначалникот на Хјустон Силвестер Тарнер, изјави дека не било можно да се надминат логистичките пречки за евакуација од огромни размери. Тој додаде дека би било „лудо“ за толку кратко време, на безбедно да се пренесат милиони луѓе.

Белата куќа соопшти дека претседателот на САД Доналд Трамп, ќе го посети Тексас утре, но само ако се потврди дека неговото патување нема да ги попречи тековните спасувачки напори.

Според Белата куќа, претседателот очекува сите федерални агенции да бидат целосно посветени во помагање на локалните власти во Тексас и соседна Луизијана.

Во неделата беа затворени неколку рафинерии околу Хјустон, а се стравува дека ова ќе резултира во недостиг на нафта и зголемување на цените на бензинот.

„Харви“ беше најсилниот ураган што го погоди американското копно изминативе преку 10 години.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG