Линкови за пристапност

Tесла гради нова фабрика во Невада


Компанијата за електрични автомобили ќе креира 22.000 работни места

Компанијата за електрични возила „Тесла“ ќе гради фабрика вредна пет милијарди долари во југозападниот дел на американската држава Невада, откако доби пакет стимулации од оваа сојузна држава.

Невада ги победи Аризона, Калифорнија, Ново Мексико и Тексас, нудејќи една милијарда долари на компанијата во наредните дваесет години, главно во форма на даночни олеснувања.

На церемонијата во Невада во четвртокот, основачот на „Тесла“ Елон Маск инсистираше на одлуката фабриката да биде лоцирана во Невада, не само поради пакетот поволности, туку затоа што се работи за држава во која работите лесно се завршуваат.

„При одлучувањето каде да ја сместиме фабриката, решивме дека тоа треба да биде место во кое ќе имаме доверба дека таа ќе биде завршена на време, односно кога ќе бидеме подготвени да произведуваме возила, фабриката ќе биде спремна да произведува батерии. Тоа навистина беше најважната работа. И потоа, се разбира, дали ќе биде исплатлива инвестиција. Мислам дека луѓето во Невада треба да бидат горди на нивната држава“.

Тесла ќе отвори повеќе од 22.000 работни места, вклучувајќи 6.500 постојани во таканаречената „гигафабрика“.

Исто така се очекува проектот да донесе 100 милијарди долари на економијата на Невада во наредната деценија.

Постројката за батерии е заеднички потфат меѓу јапонскиот електронски гигант Панасоник и Тесла чие седиште е во Калифорнија.

Тесла планира производство на нова генерација поевтини електрични возила до 2017, користејќи батерии од фабриката во Невада.

XS
SM
MD
LG