Линкови за пристапност

Тешки горива за греење на повидок: Кризата со гасот може да го зголеми загадувањето


Ќе создаде ли кризата со гасот нова еколошка закана со употреба на тешките горива во индустријата?
Ќе создаде ли кризата со гасот нова еколошка закана со употреба на тешките горива во индустријата?

Со доаѓањето на топлите месеци се заборава на загадувањето на воздухот. Но, познавачи на проблематиките укажуваат дека изворите на токсичните честици не исчезнуваат. Се стравува дека и кризата со гасот дополнително ќе ја загрози еколошката состојба во македонските урбани средини

Со доаѓањето на пролетта и летото загадувањето на воздухот не исчезнува. Се менуваат само изворите што ги испуштаат штетните микро честички.

„Пролетните и летните месеци се јавува согорување на биомаса, но на отворено. Согорување на отпад, од земјоделските активности кога вршат подготовки на земјиштето. Тоа е фактор, односно извор што го има во текот на целата година. Постојано некој нешто гори на отворено. Тогаш се исфрлаат големи количини на арсен, коишто вообичаено ги немаме во воздухот, а се поприлично токсични“, вели професорот и раководител на универзитетската лабораторија „Амбикон“ во Штип, Дејан Мираковски.

Pollution in Skopje, North Macedonia
Pollution in Skopje, North Macedonia

Лабораторијата „Амбикон“истражуваше кои се изворите на загадување на воздухот во Скопје. Мерењата во текот на една година биле вршени во Ново Лисиче, во Карпош, Хром, Волково и во Гази Баба. Увиделе дека најголемото загадување доаѓа од греењето на дрва, но и од користењето на тешките горива како што е мазутот.

Некаде околу 80 проценти од масата е само тука поврзана. Некои месеци загадувањето може да достигне да биде 80 проценти од согорување на био-маса или со согорување на нафта и мазут. Тоа се екстремно високи вредности коишто мораме да ги намалиме“, додава Мираковски.

Се надеваме дека ќе се реши ситуацијата со гасот и дека (топланите) ќе продолжат со тој енергенс, со што не би го загадувале амбиенталниот воздух
Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина

Примената на гасот е една од еколошките препораки. Но, претстојната можна криза со набавките на овој енергенс поради војната во Украина, отвора простор за нова еколошка загриженост.

„Топланите имаат обврска да имаат и резервна опција за загревање и дел од нив веќе размислуваат да поминат на други горива како би ги задоволиле потребите во грејната сезона што доаѓа. Се надеваме дека ќе се реши ситуацијата со гасот и дека ќе продолжат со тој енергенс, со што не би го загадувале амбиенталниот воздух“, вели директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски.

Од Државниот инспекторат укажуваат дека ќе следат контроли доколку големите потрошувачи се решат да го заменат гасот за други горива.

Не може да носиме мерки или да зборуваме за загадувањето само во текот на зимските месеци, кога сè е црвено, а потоа од пролетта до наредната грејна сезона да не планираме
Дејан Мираковски, Универзитетски професор

„Доколку во интегрираната дозвола не е предвидено користење друго гориво, треба да си ја обезбедат таа дополнителна опција. Тоа значи да обезбедат дополнителни дозволи. Но, Инспекторатот, согласно одобрувањата, ќе бара да прават мерења за дозволениот интензитет“, додава Стојковски.

Истражувачите велат дека откривањето на изворите за загадувањето, ќе помогне да се надмине проблемот.

„Не може да носиме мерки или да зборуваме за загадувањето само во текот на зимските месеци, кога сè е црвено, а потоа од пролетта до наредната грејна сезона да не планираме“, укажува професорот Мираковски.

Но, додаваат дека голем недостаток е што нема доволно анализи и за другите градови во државата.

„Често сме изненадени од високите концентрации од Тетово до Струмица, иако, не ни е најјасно кои се причините. Секако, треба да се направат дополнителни истражувања и нашата лабораторија е подготвена да учествува во такви истражувања. Да помогнеме да се издвојат изворите, за да можеме да примениме мерки за нивно намалување“, посочува универзитетскиот професор.

Во низата извори за загадување се надоврзува и правот од градилиштата и улиците. Од Град Скопје велат дека ги контролираат местата со градежни активности, а почнале и со миење на поголемите сообраќајници. Градските власти додаваат и дека ќе продолжат субвенциите за чистење оџаци, за инвертер клими, како и за велосипеди и тротинети.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG