Оценката е објавена во среда од поранешните претседавачи со комисијата чија задача беше истрага по нападите. Извештајот вели дека иако се направени значајни подобрувања изминатава деценија, пропусти и натаму има во обезбедувањето на државата.
Ко-претседавачот на Комисијата 9/11, и поранешен гувернер на Њу Џерси, Том Кин за Вол Стрит Џурнал кажа дека во некои случаи пропустите се огромни.
Специфично, извештајот вели дека аеродромите на државата остануваат „високо ранливи“ и повикува на подобрување на откривањето на експлозивни направи. Исто така вели дека државата мора да направи повеќе за овозможување на комуникацијата меѓу различни агенции кои се задолжени со одговарање во вонредни состојби.
Извештајот покренува прашања за начинот на собирање податоци, политиката на приведување на терористи и заштита на граѓанските слободи. Изразува загриженост за кибернетската безбедност, и вели дека има тенденција на зголемување на терористичко регрутирање на поединци во САД кои самостојно делуваат, или како што стои во извештајот – „волци самотници“.
Но извештајот забележува и дека има подобрувања во проверките на авионските патници и на споделување на информациите меѓу владини агенции.
Портпаролот на Белата куќа Џеј Карни во среда кажа дека извештајот набележува неколку успеси, и дека администрацијата бара начини за поправање на безбедноста и сигурноста. Тој вели дека САД остануваат со намерата да се изборат со ал-Каида и други терористи кои се закана за САД.