Линкови за пристапност

Во САД уапсени двајца бегалци од Ирак


Биле обвинети дека давале лажни изјави поврзани со меѓународен тероризам

Американските федерални власти уапсија две лица под обвиненија за тероризам, со што повторно се обнови критиката околу планот на Белата куќа за прифаќање илјадници бегалци од воените региони на Блискиот Исток.

Според надлежните органи, двајцата уапсени се бегалци од Ирак и во САД престојувале веќе неколку години. Биле во меѓусебен контакт, но засега нема сознанија дека планирале терористички напади во оваа земја.

Одделот за правда соопшти дека 23-годишниот Мохамед Јунис Ал-Џајаб бил уапсен во четвртокот во Сакраменто, Калифорнија, кадешто бил обвинет за давање лажни изјави поврзани со меѓународен тероризам. Во САД дошол од Сирија во 2012-та како бегалец. Обвинет е за давање лажни изјави на властите околу неговите патувања во Сирија, каде, според информациите објавени на социјалните мрежи, се борел со екстремистички организации, вклучувајќи ја и Ансар ал-Ислам.

Дваесет и четири годишниот Омар Фараџ Саед Ал-Хардан, пак бил уапсен во Хјустон, Тексас. Обвинет е за обид да обезбеди материјална поддршка, вклучувајќи „обука, стручни совети и помош“ за Исламската држава.

Ал-Хардан во САД дошол во 2009-та година, исто така како бегалец од Ирак и подоцна добил статус за постојан престој. Како и Ал-Џајаб, обвинет е за давање лажни изјави за неговата поврзаност со терористички групи.

Обајцата се очекува да се појават на суд денеска.

Случајот најверојатно ќе ја разгори дебатата во САД околу тоа дали Белата куќа треба да стои на ставот годинава да прифати 10.000 бегалци од Сирија и покрај загриженоста по безбедноста. Актуелната администрација претходно потенцираше дека сите бегалци коишто ќе влегуваат во САД, ќе бидат предмет на ригорозни проверки.

XS
SM
MD
LG