Со олеснување на рестрикциите, кои беа воведени да се спречи ширењето на коронавирусот, официјалните лица се соочуваат со наоѓање баланс меѓу личната безбедност на граѓаните и нивната слобода.
Тоа е случај и во американската сојузна државата Тенеси, која е 20-та сојузна држава според бројот на заразени, и 30-та според бројот на смртни случаи.
Гувернерот на Тенеси ја воведе наредбата за седење дома на средината на март, чиј рок истече на крајот на април.
Оваа сојузна држава, исто така, беше меѓу првите каде почнаа протести против рестриктивните мерки, барајќи отворање на економијата.
Жител на Тенеси Енди Рајнс, вели дека обединувањето на неговото семејство било откажано, поради рестрикциите, за кои тој вели дека се преголеми.
Сепак, минатата недела, Тенеси почна со олеснување на мерките за социјално дистанцирање, дозволувајќи им на рестораните и продавниците да ги олабават рестрикциите.
Од минатиот петок, пак, сите 50 сојузни држави почнаа со олеснување на рестриктивните мерки.
Рајнс верува дека затворањето на сојузната држава било непотребно, и оти Тенеси не е извор на заразата.
Рестрикциите го погодија туризмот во Тенеси, особено Националниот парк Грејт Смоки Маунтинс, кој претставува еден од најпосетените национални паркови во државата, реагираат жителите. Тој делумно беше отворен на 9-ти мај.
Според локалните медиуми, сите посетители не носеле маски, ниту пак се одржувало растојание од два метра.
Од друга страна, тамошните жители се загрижени и поради релаксирањето на мерките, очекувајќи зголемен број на туристи како резултат на тоа. Тие стравуваат и оти луѓето не ја сфаќаат доволно сериозно ситуацијата со пандемијата.
Одделот за труд на Тенеси, во април регистрираше стапка на невработеност од 14,7 проценти. Во оваа сојузна држава има повеќе од 20.000 заразени со КОВИД-19, и 336 смртни случаи.
Според податоците на универзитетот Џонс Хопкинс, во светски рамки има повеќе од 5,4 милиони заразени, и 345.000 смртни слаучи.
САД и натаму имаат најголем број заразени, односно повеќе од 1,6 милиони, и повеќе од 97.700 мртви, како последица на пандемијата.
Facebook Forum