Линкови за пристапност

„Тему“ добива на популарност кај македонските купувачи, но има и слаби страни


Кинеска платформа за е-трговија „Тему“
Кинеска платформа за е-трговија „Тему“

Десетици илјади пратки од кинескиот гигант за е-трговија „Тему“ се испорачуваат секојдневно до македонските граѓани. Директорот на приватната пошта „Еко логистик сервис“, Игор Гешовски, за Гласот на Америка на македонски вели дека очекува нарачките од оваа кинеска платформа во идниот период да се зголемуваат.

„Македонија традиционално е доста посветена на купување на пратки од Кина, тоа е од периодот од претходно кога беше присутен само „Али експрес“ на овие пазари. Веќе една година се дистрибуира во Србија, таму е бум, има повеќе нивоа на купувања на „Тему“, ние сме во почетната фаза, таа што е до 22 евра. И натаму ќе следи зголемување на обемот затоа што ќе расте и побарувачката на пазарот со разни видови на стоки, повредни стоки, дури ќе одат и во покуќнина и техника, тоа е тренд сегде, тие влегоа прво во западниот свет и направија огромни резултати, имаат систем кој едноставно им дава примамливост на купувачите“, вели Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“.

Гешовски смета дека Северна Македонија и регионот се „неквалификувано“ потрошувачко општество со високо ниво на бирократија која претставува кочница за трговска размена. Државата треба да учи лекции од Кина, вели тој.

Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“
Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“

„Западот спие во моментов, бидејќи ние сме мало општество, мала економија, не само Македонија туку и регионот и тие веројатно поради тие бирократски бариери до сега не влегоа. Тоа умешно го искористија Кинезите и направија бум... Ние мора да ја научиме лекцијата од Кина, која станува супер сила во продажба на интернет и иднината веројатно е таму, ако ме прашате дали ќе се развива ова или ќе има стагнација“, додава Гешовски.

Ние мора да ја научиме лекцијата од Кина, која станува супер сила во продажба на интернет и иднината веројатно е таму
- Игор Гешовски, сопственик на „Еко логистик сервис“

Конкурентните цени, разновидниот асортиман на производи, но и интензивните маркетинг кампањи што „Тему“ го чинеше повеќе од 2 милијарди долари за рекламирање на Мета ѝ овозможија на оваа кинеска компанија значително навлегување на западните пазари.

Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека онлајн нарачките ја намалуваат продажбата на домашните производители и продавачи. Потребно е прилагодување на новите начини на пазарање, вели Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија.

Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија
Орце Симов, претседател на Комората за информатичко-комуникациска технологија

„Ваквите кинески онлајн платформи се доста популарни во целиот свет и Кина со Македонија има огромна размена и диспаритетот на извоз и увоз со Кина е огромен и е неповолен за Македонија. Тој однос е некаде 1 спрема 20. Ние увезуваме од Кина производи во вредност од над милијарда евра, а извозот е само педесетина милиони евра. Значи, односот е многу неповолен за нас и ние во трговската размена со Кина правиме голем дефицит. Меѓутоа, ние треба да се прилагодуваме на сите овие состојби затоа што интернетот, глобализацијата, овозможуваат поголема мобилност, плаќањата се олеснети, може едноставно да се плаќа на такви платформи, производите се доста евтини и се атрактивни за македонските купувачи“, изјави Симов.

Пазарањето онлајн носи и ризици, а од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) предупредуваат дека граѓаните треба да бидат многу внимателни при пазарењето оти нарачуваат на сопствен ризик.

Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ)
Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ)

„Доколку имаат некој проблем тогаш тие си се обраќаат до самиот трговец бидејќи таму има некои форми, платформи каде што може да се приговара, да се вратат парите, да се замени производот, комуницираат директно со трговецот кој што, сепак, мора да кажеме не е регистриран во Македонија и доколку не успеете да се договорите со него – иако тврдат дека можат, дека ги заменуваат производите, им ги враќаат парите во одредени случаи – во тој случај повторно треба да се свесни потрошувачите дека и овие трговци не се регистрирани во Македонија туку се некаде надвор во странство и во тој случај не можат да бараат да си ги остварат своите права согласно Законот за потрошувачи или потрошувачките права кои би ги имале доколку купуваат од домашни компании“, вели Татјана Тасевска, правна советничка во Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).

За да ги заштити малите и средните бизниси во земјата од евтините производи што ги нуди „Тему“, Индонезија ја забрани оваа платформа. Ваквиот потег го следеше и Виетнам кој го суспендира работењето на овој кинески онлајн трговец откако „Тему“ не го исполни владиниот рок да ја регистрира компанијата до крајот на ноември.

Од македонската Царинска управа велат дека секоја стока што се купува преку интернет при влез на царинското подрачје во државата мора да ги следат и почитуваат царинските прописи.

Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинска управа
Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинска управа

„Севкупната странска стока што влегува во нашето царинско подрачје подлежи на царинска контрола. Така што и оваа стока подлежи на царинска контрола со тоа што согласно нашите прописи стоката која што е со вредност до 22 евра во денарска противвредност е ослободена од плаќање на увозни давачки и ДДВ, стоката над 22 евра до 90 евра во денарска противвредност плаќа само ДДВ, додека стоката која што е со вредност над 90 евра подлежи на целосна царинска постапка со плаќање на сите увозни давачки“, рече Марјан Тасевски, помошник директор на Сектор за царински систем, Царинска управа.

Платформата „Тему“ е основана во 2022 година во САД како подружница на ПДД Холдингс, чија што матична компанија Пиндуодуо е со седиште во Кина. Оваа платформа беше под лупа на САД откако во извештајот на Конгресот од минатата година компанијата беше обвинета дека не успеала да спречи да се продаваат стоки направени со принудна работа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG