Линкови за пристапност

„Висењето“ на Интернет води кон стрес


„Она што одредени лица не разбираат, е дека додека технологијата на многу начини ни` помага, постојано да си со неа, може да има негативно влијание, како за физичкото, така и за менталното здравје“, велат експертите.

Речиси 90 проценти од Американците се изјасниле дека „постојано или честопати“ ја проверуваат својата електронска пошта, текст пораките и социјалните мрежи, што води кон стрес, вели Американската асоцијација за психологија. Во студијата се подвлекува дека оние кои постојано ги проверуваат содржините, во просек имаат поголемо ниво на стрес, од оние кои тоа го прават поретко.

На скалилото од 1 до 10, лицата кои постојано се со своите мобилни телефони, имаат ниво на стрес од 5,3 поени, споредено со 4,4 за другите, на кои ова не им е честа навика.

Кај работоспособните Американци кои ја проверуваат својата електронска пошта во слободно време, регистрирано е ниво на стрес од 6 поени.

„Денес, речиси сите возрасни Американци поседуваат најмалку по една електронска направа и многумина од нив се постојано поврзани со неа. Она што овие поединци не разбираат, е дека додека технологијата на многу начини ни` помага, да си зависен од неа, може да има негативно влијание, како за физичкото, така и за менталното здравје“, вели Лин Буфка, експерт во Американската асоцијација за психологија.

Според студијата, лицата кои постојано ги проверуваат содржините, искусиле понегативно влијание од страна на социјалните медиуми. 42 процента од оние кои се „залепени“ за своите уреди, рекле дека на социјалните мрежи дискутирање за политички прашања, што придонело за стрес. Ова, споредено со 33 проценти во категоријата „лица кои не ги проверуваат објавените содржини“.

Воедно, студијата наведува дека само 28 проценти од испитаниците се изјасниле дека всушност паузирале од технологијата, или имале „дигитална детоксизација“.

Претставничката од Асоцијацијата за психологија додава дека кога станува збор за здравите односи со технологијата, „особено возрасните треба да се обидат да станат добар пример за децата“.

Истражувањето е направено на Интернет меѓу 5-ти и 31-ви август, 2016-та година, и тоа врз 3.511 возрасни лица во САД.

XS
SM
MD
LG