Градоначалникот на општина Гостивар и претседател на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во интервју за Гласот на Америка во Вашингтон вели дека албанскиот јазик не треба да стои како проценти туку како еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Таравари вели приоритет на министрите од неговата партија во ресорите кои тие ги водат е да се намали корупцијата и да се зголеми довербата на граѓаните во правниот систем.
Глас на Америка: Господине Таравари, разговараме пред вашите средби со американските лидери. Која е целта на Вашата посета во САД?
Арбен Таравари: Ова е посета која што беше организирана од наши пријатели кои што не повикаа на неколку средби во САД. Ќе имаме средби и во Стејт департментот, ќе имаме и во Конгресот и во Сенатот и со иселениците кои што се од Гостивар и од Македонија, така да повеќе средби на кои што се надевам дека ќе поминеме убаво во следните три дена.
Глас на Америка: Алијанса на Албанците побара со уставните измени, да се внесе и албанскиот јазик како официјален јазик на државата. Какви се шансите предлогот да помине во Собранието?
Арбен Таравари: Видете, де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик кој што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија која што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка дваесет проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници политичките партии ќе видат дека е стварно моментот да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од било која држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик. Од албанските партии апсолутно сите се за тоа, и од македонските јас не гледам поголема пречка и СДСМ и ВМРО и декларативно. Меѓутоа и меѓу нас кога зборуваме, па дури и претседателот на државата пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Така да се надевам дека овој е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во преамбулата и тераме понатаму со европската агенда која што нема друга алтернатива за нашата држава во која што живееме.
Глас на Америка: Вашата партија го држи ресорот за правда каде што се потребни најголеми реформи според Соединетите Американски Држави. Дали ќе разговарате и на оваа тема на средбите во Вашингтон?
Арбен Таравари: Апсолутно да. Една од нашите приоритети освен здравство и информатичко општество каде што и таму се бориме со корупција, преку дигитализација во информатичко општество и преку акции кои што ќе бидат преземени од министерот за здравство, основниот ресор со кој што се придржуваме и со пораките на САД меѓутоа и на ЕУ тоа е реформите во правниот систем. Знаете довербата во правниот систем во Македонија е 4 до 8 проценти во зависност од тоа која ја направил анкетата. Сигурни сме дека министерот веќе зазема одредени чекори за да се подобри оваа доверба на граѓаните во правниот систем. Јас ако кажам дека сигурно тоа ќе биде, тоа ќе биде како да навивачки го кажувам тоа, меѓутоа следниот период посебно во следните месеци тоа ќе биде и јавно и ќе се види и преку довербата на граѓаните. Гледате веќе со изборниот законик има комисија од експерти меѓутоа и претставници од политички партии. Гледате за уставните промени има повторно комисија која што е експертска и тоа од најдобрите експерти од уставно право од Република Македонија, без разлика тие не се партиски туку тие се луѓе кои што ги имаме богатство кое што го имаме меѓутоа и со одредени други закони кои што во секој момент ќе бидат во синхронизација со меѓународниот фактор посебно САД и ЕУ. Граѓаните ќе го видат и ќе го осетат тоа, се надевам за неколку месеци довербата ќе порасне од таа едноцифрена бројка се надевам во што поголема доверба кај граѓаните.