Линкови за пристапност

Тамара не ја дочека помошта


Македонската јавност бара одговори и одговорност за смртта на девојчето коешто со месеци чекаше на операција во странство

Деветгодишната Тамара Д. почина утрово, откако цели три години нејзиниот случај беше присутен во одделни медиуми. Поради тежок деформитет на рбетниот столб, таа требаше да биде оперирана во странство, но нејзиното семејство не можеше да обезбеди средства за операцијата. За жал, Тамара не ја дочека ни помошта од државата, којашто требаше да ги покрие трошоците, околу 30.000 евра. Во дел од медиумите и на социјалните мрежи се појавија тврдења дека случајот бил забавен во административниот лавиринт меѓу институциите, поради бројни бирократски пречки. Влошувањето на здравствената состојба доведе до смрт на девојчето, што предизвика бурни реакции во македонската јавност, особено на социјалните мрежи, каде што се бараат оставки на министерот за здравство Никола Тодоров и на челниците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како и нивна морална, политичка, па и кривична одговорност.

Тодоров, којшто уште на 21-ви ноември минатата година вети дека ќе бидат обезбедени средства за операцијата на Тамара, денес не се изјасни на барањата да поднесе оставка.

Од Фондот за здравство се оградија од одговорноста за смртта на малата Тамара. Со образложение дека сакаат да изразат сочувство до семејството и да реагираат на, според нив, медиумското пласирање на шпекулации, ФЗОМ, преку советникот на директорот на Фондот, Бранко Аџигогов, излезе со став дека „иако на наша адреса се испратија обвинувања дека ние сме виновни за смртта на Тамара, сакам да кажам дека тоа не е така. Случајот позитивно го решивме уште во декември 2014 година, но беше потребно да се организира лекарски тим што ќе ја направи операцијата која е исклучително тешка. Бевме во постојана комуникација со родителите и очекувавме неделава да добиеме датум за операција за во болницата Аџибадем во Турција, но за жал тогаш стаса информацијата за смртта“.

„Фондот за здравство не е причинител за смртта на малата Тамара, а кој е, не знаеме. Ние не сме лекарска установа и не знаеме од што починало девојчето. Доколку родителите бараат институционална одговорност, ние стоиме на располагање“, изјави Аџигогов.

Медиумите објавија дека семејството на починатото девојче најавило барање на одговорност за смртта на нивната ќерка.

Се огласи и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, дека „не постојат никакви дилеми за одговорноста во случајот од страна на ФЗО и Министерството за здравство. Од тие причини, доколку не биде преземена одговорност од раководните лица во овие институции, Хелсиншкиот комитет ќе поднесе кривични пријави против директорката и членовите на Управниот одбор на ФЗО за несовесно работење во службата, а доколку постои согласност од родителите, ќе биде поднесен предлог за кривично гонење против одговорните лица во Министерството за здравство“.

„Според мислењето на Хелсиншкиот комитет малолетната Тамара е директна жртва на неефикасниот систем на здравствена заштита и немањето волја овој случај да добие позитивна разрешница од страна на ФЗО. Целокупната јавност месеци наназад беше известувана преку медиумите за случајот, со цел да се предизвика ефективна реакција од страна на ФЗО, со оглед дека медицинските наоди покажуваа сериозно влошување на нејзината здравстевна состојба, која може да доведе и до смртни последици, доколку не се делува оперативно“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

XS
SM
MD
LG