За Дебора Прајор барањето работа на Интернет е дневна рутина. Таа немала стабилна работа од 2008, и вели дека често е на работ на солзи.
Последниве три години, Прајор се вратила во училиште и завршила универзитет. Започнала своја компанија за комуникации за да врзе крај со крај. Но, бара нешто потрајно. По минати безброј часови пополнувајќи пријави онлајн, нема награда.
„Добивате автоматски одговор дека работодавецот го примил испратениот материјал и потоа нема ништо. Како да пропаднало во провалија“.
Џеф Џорес, раководител на агенцијата за вработување ManpowerGroup, вели дека сега работодавците се многу специфични и често бараат високотехнолошки способности.
„За времето кога голем број луѓе биле без работа, две години и повеќе, бизнисите минале низ големи промени“.
Некои од тие промени се усовршување на технологијата, промени во условите за работното место и додадени повеќе способности што се бараат за одредено работно место. Тоа е причината што и покрај големата невработеност во многу држави, работодавците се` уште имаат проблеми да најдат работници.
Регионалниот директор на агенцијата за вработување во Лос Анџелес, Џанел Ечепер, вели дека обука за нови способности ќе помогне апликантите да бидат поатрактивни за работодавецот.
„Но тие што го одржувале образованието и држеле чекор со технологијата се тие што најлесно можат да бидат поставени на отворени позиции“.
Но, такви има во недоволен број.
Според овогодишното истражување на ManpowerGroup изведено во 39 држави, 34 проценти од работодавците во светот велат дека имаат проблем да најдат квалификувани работници. Додека 52 проценти од американските работодавци го имаат истиот проблем во пополнување на критични позиции, Јапонија, Индија и Бразил се во најтешка ситуација.
Џеф Џоерс од ManpowerGroup вели:
„Ние секогаш мислиме дека Индија има многу луѓе, но всушност многу компании се преселија таму. Нивната сопствена економија убаво се движи, така што тие сега стигнаа до точката каде е тешко да се најдат квалификувани луѓе кои им требаат“.
Најтешко се пополнуваат работни места на техничари, вешти трговци, претставници за продажба кои треба да имаат високо-технолошко знаење.
Џатан Шах, раководител на канцеларијата за технологија на QSC Audio вели дека компанијата се проширува и вработува. Но, тој вели дека наоѓањето на работници за отворените места оди тешко.
„Потребно е од три месеци до една година да се пополнат некои позиции. Напати е фрустрирачко кога имате место, и луѓе се пријавуваат од секаде, а не е лесно да го најдете вистинското лице.”
Ова е на штета и на компанијата, вели Џоерс, зашто непополнети работни места може неповолно да се одразат на приходот на компанијата. Тој вели дека во САД некои компании прават нешто необично:
„Наоѓаме дека компаниите се всушност подготвени да се преселат таму каде има талент, што многу невообичаено“.
Тој вели дека некои компании вработуваат луѓе кои можат брзо да научат и ги обучуваат на работното место.