Измените на кривичниот закон што неодамна беа изгласани во Собранието со 48 гласа за, се упад во казнено-правниот систем, смета професорот Владо Камбовски. Најголема реакција предизвика тргањето на членот што се однесува на казни за злоупотреба на јавни набавки вели Камбовски.
„Во меѓувреме беа вршени одделни упади во казнено правниот систем од определени влијанија на мигот. Очигледно дека и сега такво влијание во некој миг потребен, дал еден таков ефект да се извршат промени, кој поминаа како што поминаа“, вели Камбовски.
Измените доаѓаат во време кога работна група составена од експерти, заедно со ОБСЕ, повеќе од три години подготвува нов кривичен законик, кој во октомври требаше да биде предаден на министерството за правда и да влезе во собраниска процедура. Нејзин член е и професорот Камбовски.
Со измените сега ќе се овозможи некои дела порано да застарат, а поранешни функционери да се спасат од одговорност. Дали ова може да алудира на некаков договор за можна амнестија?
„Сега тоа иницира на такви некои договарања, не може друго да заклучите. Ако ние не се вратиме на патот на правото и уставноста, ние нема да добиеме бесмислено вето што го добивме од Бугарите. Како што ќе добиеме едно тешко вето за владеење на право од кој потоа тешко дека ќе се извлечеме“, додава Камбовски.
Професорот Таки Фити вели дека само затворските казни нема да ја решат корупцијата.
„Вие ќе го осудите, ќе одлежи затвор, меѓутоа милиони се одлеале и треба да се најдат прецизни механизми тој имот да се конфискува. Тоа во значајна мера би го намалил степенот на корупција. Ние можеме да менуваме закони и декларативно да велиме нема толеранција за корупција, меѓутоа политичката волја е основна на партиите на власт, кои ја имаат моќта“, вели Фити.
Корупцијата во Северна Македонија е претворена во системски проблем. Влезена е во сите пори на општеството, додава Камбовски.
„По мене не може да се направи пресврт без забрзување на интеграции на државата. Со поддршка на ЕУ, со засилување на мониторингот и влијанија низ преговорите за одделни области, да започне постапно таа крива на корупција, ендемска корупција, тој облак да се тргне од македонското небо. Следно е да се засечат изворите на корупција. Изворите на корупција се политичките партии. Од таму почнува се“, вели Камбовски.
Од Амбасадата на САД велат дека ќе продолжат да соработуваат со Северна Македонија за решавање на сите проблеми.
„Ќе продолжиме да правиме се, се што е во наша моќ за почитување на човековите права. Сите ние имаме удел во трансформација и градење на фер и демократско општество“, рече Викторија Елиот – директорка на канцеларијата за Меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите во Амбасадата на САД.
Охрид деновиве е домаќин на „Охридската школа по природно право“, на која се дебатира за препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупција во контекст на владеење на правото.