Линкови за пристапност

Сè помалку локални медиуми во Северна Македонија


Локалните медиуми во Северна Македонија се во сериозна опасност од целосно исчезнување. Во Пелагонискиот регион, кој во минатото важел за најголем медиумски центар по Скопје, денеска постои само една телевизија – битолската телевизија ТЕРА.

Зошто исчезнуваат локалните медиуми во Северна Македонија?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:34 0:00
Предизвик исто така е битката со лажните информации ... особено на социјалните мрежи
- Стево Башуровски, новинар во ТЕРА телевизија

Стево Башуровски 28 години е новинар во ТЕРА телевизија. Го прашавме со какви предизвици се соочува овој медиум:

„Предизвикот е да се бориме против дезинформациите односно пред сѐ нашата улога е да бидеме сервис на јавноста, да информираме за неа, за сѐ она што е важно за јавноста да го слушне. Предизвик исто така е битката со лажните информации ... особено на социјалните мрежи. Тоа што таму некој го прави, ние не можеме да го правиме бидејќи подлежиме на законска регулатива. Ако интернетот и социјалните мрежи не се никако регулирани, ние како телевизија односно како радиодифузери сме регулирани и мора да постапуваме и согласно начелата на новинарството, меѓутоа и согласно етичките и моралните норми“, вели новинарот во ТЕРА телевизија, Стево Башуровски.

Регулацијата на локалните медиуми е голем предизвик и за главниот и одговорен уредник на локалното битолско радио 106-ка, Милан Ризвановиќ.

Милан Ризвановиќ, главен и одговорен уредник на Радио 106 Битола
Милан Ризвановиќ, главен и одговорен уредник на Радио 106 Битола
Ние сме ограничени на еден локален пазар, во нашиот случај само на Битола
- Милан Ризвановиќ, главен и одговорен уредник на Радио 106

„Од стартот, од самата регулација на еден начин локалните медиуми се проколнати. Зошто? Затоа што вие сте осудени на еден пазар. Значи во време кога живееме во глобално село, велиме светот е глобално село, вие мора да го држите пазарот на вашиот град. Ако ние сме ограничени на еден локален пазар, во нашиот случај само на Битола, вие сте ограничени и во растот. Ако сте ограничени во добивање на поголем пазар тогаш автоматски се ограничува и креативниот дел на работата односно ограничени сте колку луѓе може да вработите да ја прават програмата“, изјави Милан Ризвановиќ, главен и одговорен уредник на Радио 106 од Битола.

Во Прилеп функционираат три локални радија, неколку веб-портали и еден локален весник. Новинарката од Радио Пела, Гордана Цветаноска, за Гласот на Америка вели дека најголем проблем за локалните медиуми се финансиите.

Гордана Цветаноска, новинарка во Радио Пела во Прилеп
Гордана Цветаноска, новинарка во Радио Пела во Прилеп
Нема интерес заради тоа што знаат дека не се платени новинарите, а секој сака да биде новинар
- Гордана Цветаноска, новинарка во Радио Пела во Прилеп

„Исклучиво тешко е во ова време да се опстане заради тоа што во еден традиционален локален медиум, ако зборуваме еве за радио, треба да има најмалку двајца вработени на полно работно време и практично најголемите трошоци се и за вработените. Но, без вработени, без новинари и техничари не може (да опстане) еден локален медиум“, рече Гордана Цветаноска, новинарка во прилепското радио Пела.

Сите овие причини се одразуваат на неатрактивност на новинарската професијата за младите. Цветаноска вели дека најмладиот новинар во Прилеп има 36 години.

„Поради тоа што локалните медиуми не можат да си дозволат дополнителна работна сила, од друга страна, пак, нема интерес заради тоа што знаат дека не се платени новинарите, а секој сака да биде новинар, бидејќи со социјалните мрежи буквално сите граѓани мислат дека можат да бидат новинари. Воопшто нема интерес за ангажирање во локалните медиуми. Јас се надевам дека по најавата дека е можно државата да ги поддржи локалните медиуми со одредени мерки, ќе може на некој начин да ги привлечеме младите заради тоа што и преку синдикатот на новинари, ... побаравме дали може да има одредена мерка со тоа што ќе може ако медиумот вработи млад новинар, да може државата барем дел од трошоците да ги покрие и на таков начин, малку од малку, да го ублажиме тој проблем“, додава новинарката Гордана Цветаноска.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници за Гласот на Америка велат дека од минатата година работат на поголем пакет на потенцијални измени на закони поврзани со медиумите кои вклучуваат ослободување од данок, како и од придонеси за медиумските работници, кој ќе овозможи зголемување на нивните плати и поголема социјална и економска сигурност.

Новинарот Башуровски, пак, не е голем оптимист дека тоа ќе го промени трендот.

Стево Башуровски, новинар во ТЕРА телевизија
Стево Башуровски, новинар во ТЕРА телевизија

„Ако си новинар, новинар си 24/7 што би се рекло, а не си новинар од седум до петнаесет часот и потоа да бидеш слободен, да не те бара никој на твојот мобилен телефон. Мислам дека во оваа професија успеваат и сакаат да работат оние што навистина го сакаат новинарството, сакаат да информираат, сакаат да откриваат работи, сакаат да и` кажат на јавноста се она што..., бидејќи новинарството не е да кажеме дека денес заврна снег во Битола, па сите тоа го виделе. Треба да се направи нешто друго“, вели новинарот Стево Башуровски.

Според регистарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), во Северна Македонија има 14 регионални и 14 локални телевизии. Просечниот број на вработени со редовен работен однос во сите регионални телевизии заедно изнесувал 79 лица, покажува анализата на Агенцијата за пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2023 година. Осум од телевизиите го намалиле бројот на вработени во однос на 2022 година, а само една телевизија го зголемила и тоа само за едно лице. Во локалните телевизии во 2022 година вкупно 36 лица биле ангажирани со редовен работен однос, а во 2023 година таа бројка пораснала за 10 односно 46 вработени лица. Во Северна Македонија има 15 регионални и 38 локални радиостаници. Просечниот број на вработени во 2023 година во регионалните радиостаници кај сите заедно изнесувал 62 лица што е за 14 лица повеќе споредбено со 2022 година. Во локалните радиостаници во 2023 година имало 70 вработени лица со статус на редовно вработени.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG