По неодамнешната појава на птичји грип откриена кај крави и кози во Соединетите држави, Светската здравствена организација ги повикува владите да го зголемат надзорот и да „останат будни“ во врска со можното ширење на оваа смртоносна болест во нивните земји.
Д-р Венкинг Џанг, раководителка на глобалната програма за грип на СЗО, во петокот рече дека во тек се истраги за да се утврди степенот и сериозноста на птичјиот грип Х5Н1 пронајден во 29 стада во осум различни американски држави од март.
„Додека СЗО и нејзините партнери внимателно го следат, прегледуваат, проценуваат и ажурираат ризикот поврзан со Х5Н1 и другите вируси на птичји грип, ги повикуваме земјите да останат будни, брзо да пријават човечки инфекции доколку ги има, брзо да споделуваат секвенци и други податоци и да ги зајакнат мерки за биосигурност на фармите за животни“, рече Џанг.
Џанг, исто така, им рече на новинарите во Женева дека на 1 април лабораториски потврден случај на птичји грип бил пронајден кај маж кој работел на фарма за млечни говеда во Тексас.
„Случајот во Тексас е прв случај на човек заразен од птичји грип од крава“, рече таа, истакнувајќи дека тој најверојатно се заразил „преку директен контакт со крави“.
„Сега гледаме повеќе стада крави засегнати во зголемен број американски држави, што покажува дополнителен чекор на прелевање на вирусот кај цицачите“, додаде таа, предупредувајќи дека „фармските работници и другите во близок контакт со кравите треба да преземат мерки на претпазливост во случај животните се заразени“.
Џанг, исто така, истакна дека досега нема откриено пренесување на вирусот од говеда на други цицачи, иако преносот од птица на крава, од крава на крава и од крава на птица се случил за време на тековните епидемии.
„Иако сè уште многу работи се под истрага, ова сугерира дека вирусот можеби нашол правци на пренос различни од она што претходно го разбравме“, рече таа.
„Иако ова звучи загрижувачки, тоа е исто така доказ за силен надзор на болеста што ни овозможува да го откриеме вирусот“, додаде Џанг.
Птичјиот грип А(Х5Н1) првпат се појави во 1996 година. Во 2020 година, вирусот се прошири во Африка, Азија и Европа, а потоа во 2022 година премина во Северна и Јужна Америка.
„Во последниве години, гледаме дека вирусот се прелева кај цицачите“, рече Џанг, истакнувајќи дека американскиот Оддел за земјоделство открил инфекции кај „околу 200 цицачи“.
Човечките инфекции со птичји грип се ретки и се поврзани со изложеност на заразени животни и средини. СЗО објави дека се откриени скоро 900 случаи од 2003 година. Околу половина од заразените со оваа болест, наводно, починале.
Во раните години, повеќето случаи беа пронајдени во Азија и Југоисточна Азија. СЗО објави дека релативно малкуте случаи во САД и Европа пријавени во агенцијата во последните две години биле благи.
Џанг рече дека вирусот кај млечните крави кои моментално циркулираат во Соединетите држави, исто така, е откриен во млекото од заразени животни.
„Добивме и извештаи дека има многу висока концентрација на вирусот во суровото млеко. Но, колку точно вирусот ќе може да преживее во млекото останува под истрага“, вели Џанг.
„Значи, препорачуваме луѓето навистина да консумираат пастеризирано млеко и млечни производи“, рече таа, додавајќи дека оваа препорака се однесува на луѓето „во целиот свет“.
Речиси 20 вакцини во моментов се лиценцирани за пандемична употреба за грип. Џанг рече дека се достапни два „кандидатски вируси вакцини“ кои можат да одговорат на појава на птичји грип кај млечните крави и другите животни во Соединетите држави.
„Имањето спремни вируси за кандидати за вакцини ни овозможува да бидеме подготвени брзо да произведуваме вакцини за луѓето, доколку тоа стане неопходно“, рече таа, додавајќи дека најмалку четири антивирусни лекови, вклучително и оселтамивир, широко продаден како Тамифлу, се достапни за лекување на луѓе кои може да се разболат од птичји грип.