Линкови за пристапност

Русите го проучуваат видеото на милитантите со закана за Олимпијадата


Рускиот претседател кажа дека ќе биде сторено се` за безбедни Игри; САД нудат помош

Руските безбедносни сили го проучуваат видеото поставено од исламистичка милитантна група на Интернет, што ја презеде одговорноста за минатомесечниот самоубиствен бомбашки напад во Волгоград, и се заканува со напади на претстојната Олимпијада во Сочи.

Видеото беше поставено во неделата од милитантна група од претежно муслиманскиот регион Дагестан. Не е јасно кога видеото е направено.

На тоа видео, две лица кои зборуваат руски го предупредуваат претседателот Владимир Путин да очекува, како што велат, „подарок“ на Зимската Олимпијада во Сочи. Видеото вели дека двајцата се самоубиствените бомбаши кои го нападнале Волгоград минатиот месец, убивајќи 34 луѓе. Нема независна потврда за тоа тврдење.

Американската армија вели дека ќе даде на располагање воздушна и поморска помош за руската влада додека ги прави безбедносните подготовки за Олимпијадата. Портпарол на Пентагон во соопштение кажа дека поддршка што вклучува бродови на американската морнарица во Црното Море ќе бидат достапни доколку биде побарано, „за секаков вид на вонредна потреба“, во консултација со руската влада.

Во друг развој, работниците во хотел во Сочи на новинарите им кажаа дека виделе постери за барана жена од Дагестан. Таа се опишува како 22-годишна вдовица на милитант убиен од руски безбедносни сили минатата година. Постерите велат дека жената, идентификувана како Рузана Ибрагимова може да биде во или околу Сочи и може да планира напад.

Вчера, исто така, руски безбедносни сили велат дека убиле тројца милитанти во главниот град на Дагестан, Макхачкала.

Во саботата безбедносните сили кажаа дека убиле седуммина осомничени милитанти за кои се верува дека се инволвирани во напад на ресторан. Нападот остави најмалку 16 лица повредени.

Претседателот Путин во неделата кажа дека неговата држава ќе стори „се` што е потребно“ за безбедни Олимписки игри. Тој зборуваше за масивните безбедносни подготовки во и околу Сочи и кажа „ако покажеме слабост и страв, така ќе им помогнеме на терористите да ги постигнат нивните цели.“
XS
SM
MD
LG