Линкови за пристапност

Обама му кажа на Конгресот да го одложи гласањето за напад на Сирија


Иран и Кина изразија оптимизам за дипломатскиот пат; Некои законодавци скептични

Американскиот претседател Барак Обама побара од Конгресот да ја одложи воената акција против Сирија, додека претпазливо даде поддршка за руската дипломатска иницијатива за елиминирање на сириското хемиско оружје.

Иран и Кина, кои се против воена интервенција во Сирија, во среда изразија оптимизам за дипломатскиот пат.

Иранскиот врховен лидер, Ајатолахот Али Каменеи, кажа дека се надева оти САД се сериозни за дипломатијата, додека портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Хонг Леи, кажа дека Кина се надева оти сите страни ќе ја искористат можноста за политичко решение.

Во меѓувреме, француски официјални лица во среда кажаа дека остануваат подготвени за лансирање армиски напад против Сирија доколку пропаднат дипломатските напори.

Дипломати од Франција, Британија и САД во вторникот работеа на нацрт резолуција за Советото за безбедност повикувајќи за силна акција доколку Сирија не го одржи зборот.

Републиканскиот сенатор Ранд Пол (од американската сојузна држава Кентаки) одговарајќи на говорот, кажа дека претседателот „не направил убедлив случај дека американските интереси се во ризик во Сирија“. Тој кажа дека прагот за војна треба да биде „значаен“.

Многумина Американци се согласуваат. Во најнови истражувања на јавно мислење речиси 60 проценти од анкетираните Американци велат дека се против американска армиска акција во Сирија.

Американскиот државен секретар Џон Кери вели дека администрацијата на Обама внимателно ќе го разгледа рускиот план. Кери има намера да се сретне со рускиот Министер за надворешни работи Сергеј Лавров во четврток, во Женева, за дискусија за Сирија.

Главниот опозиционен блок на Сирија, Сириската национална коалиција, го отфрли рускиот предлог како безначаен. Таа кажа дека планот и натаму и` дава на сириската армија слободно да води војна со конвенционално оружје.
XS
SM
MD
LG