Линкови за пристапност

ОН бараат итна истрага за наводниот напад со хемиско оружје во Сирија


На лица, за кои активисти тврдат се жртви на напад со хемиско оружје во Сирија, им се укажува лекарска помош
На лица, за кои активисти тврдат се жртви на напад со хемиско оружје во Сирија, им се укажува лекарска помош

Генералниот секретар Бан Ки-мун очекува позитивен одговор од претседателот Башар ал-Асад, без одолговлекување.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун и официјално побарал од владата на Сирија да и` овозможи на екипата на светската организација во земјата да изврши итна истрага на местото близу Дамаск каде вчера наводно бил извршен напад со хемиско оружје.

Според порпаролот на Ки-мун, тој очекува да добие позитивен одговор од владата на претседателот Башар ал-Асад, без одолговлекување.

Светот веднаш реагираше по извештаите за нападот. Франција вели дека меѓународната заедница мора да одговори со сила доколку наводите на сириската опозиција за настанот се покажат точни. Па сепак, шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус ја исклучи употребата на копнени сили. Неговиот турски колега Ахмет Давутоглу исто така побара меѓународната заедница да реагира, велејќи дека во Сирија била пречекорена црвената линија.

Клучниот сириски сојузник, Русија, ја обвини сириската опозиција за смислена провокација дека имало масовни жртви во хемиски напад, токму кога во земјата пристигнаа инспектори на ОН.

Владата на претседателот Башар ал-Асад категорично отфрла дека употребила оружје за масовно уништување.

Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест вели дека владата во Дамаск сега има шанса да го потврди тоа.

„Ако се заинтересирани да го расчистат случајот дали било употребено хемиско оружје во Сирија, тогаш ќе и` дозволат на екипата на ОН да спроведе истрага на местото на наводниот напад; непречен пристап до сведоците, па дури и погодените; собирање на примероци, без манипулација и вршење на истрагата во безбедни услови“, рече Ернест.

Тој кажа и дека САД ќе соработуваат со ОН и сојузниците за да утврдат дали владата на Асад ја прекршила меѓународната забрана за употреба на хемиско оружје, како и дека случајот треба да биде приоритет за светската организација.
XS
SM
MD
LG