Линкови за пристапност

Обама: Светот згрозен од убиството на Фоли


Ниту една вера не ги учи луѓето да масакрираат недолжни, реагираше претседателот по обезглавувањето на американскиот новинар од страна на ИСИЛ

Американскиот претседател Барак Обама вели дека „целиот свет е згрозен“ од обезглавувањето на американскиот новинар Џејмс Фоли од страна на ИСИС на Блискиот Исток.

Обама го осуди убиството и рече дека изразил сочувство на семејството на Фоли. Тој кажа дека милитантите на ИСИЛ ја покажале нехуманоста со тоа што продолжиле со бруталните напади во Сирија и Ирак како и со обезглавувањето на 40-годишниот новинар и објавувањето на снимката на Интернет.

„Животот на Џим Фоли стои во целосен контраст на неговите убијци. Да бидеме на чисто во врска со ИСИЛ: дивеат по градови и села, кукавички убиваат недолжни, невооружени цивили“, изјави Обама.

Тој кажа дека ИСИЛ не претставува ниту една вера, како и дека поголемиот дел од оние што ги уби се муслимани.

„Ниту една вера не ги учи луѓето да масакрираат недолжни. Ниту еден справедлив Господ стои зад она што го сторија вчера и што го прават секој ден“, кажа првиот човек на САД.

Претходно, американските лица потврдија дека видео-снимката од убиството на Фоли е автентична. Семејството на Фоли исто така ја потврди неговата смрт, велејќи дека го дал животот „обидувајќи се на светот да му го претстави страдањето на сирискиот народ“.

Фоли исчезна во 2012-та додека работеше во Сирија и оттогаш немаше ниту трага, ниту глас од него.

Убиството предизвика остра реакција во Британија, каде антитерористичката полиција се обидува да го идентификува убиецот на снимката којшто говори со британски акцент.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун најостро го осуди убиството за коешто кажа дека претставува гнасно злосторство.

Милитантите велат дека обезглавувањето е порака до САД да прекинат со интервенцијата во Ирак, каде американските воздушни напади целат на позиции на ИСИЛ. Според лицето на снимката, животот на уште еден грабнат новинар, Стивен Сотлоф, којшто се води за исчезнат од 2013-та, зависи од тоа како ќе реагира претседателот Обама.

Неколку часа откако беше објавено видеото, САД соопштија дека извршиле десетина воздушни напади против борците на ИСИЛ близу браната Мосул во Ирак.

XS
SM
MD
LG