Линкови за пристапност

Фрустрација за Сирија во меѓународната заедница


Сириските активисти велат дека во најновото насилство биле убиени 17 лица; ОН бараат акција.

Лидерот на сириската обсерваторија за човекови права со седиште во Британија, Рами Абделрахман за Гласот на Америка изјави дека во експлозијата пред полициска станица во северозападниот град Идлиб загинале две лица од обезбедувањето и тројца цивили. Во друга експлозија во предградие на Дамаск загинаа уште двајца припадници на обезбедувањето.

Од набљудувачкиот центар велат дека имало демонстрации по петочните молитви ширум Сирија, вклучувајќи ги градовите Дамаск, Алепо и Дара. Во Дара загинале двајца цивили.

Владините сили го гранатирале Хомс, а од интензивните борби во Латакија загинаа две лица. Според изјавите на група активисти, мртви имало и во Деир Езор.

Во Женева, Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека хуманитарната ситуација во Сирија е полна со тензија. Според портпарол на Црвениот крст, на Сиријците им е се` потешко да дојдат до храна и лекови.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон се сретна со претставникот на Арапската лига во ОН, Кофи Анан, кој предупреди дека доколку нема промени во ситуацијата, Сирија ќе западне во граѓанска војна.

Средбата Клинтон – Анан следи по извештајот на ОН дека било пукано врз невооружени набљудувачи од светската организација и биле спречени да го истражат местото на неодамнешниот масакар во централната провинција Хама. Активистите велат дека неделава во селото Мазрат ал-Кубеир биле убиени најмалку 78 лица, вклучувајќи жени и деца.
XS
SM
MD
LG