Евакуацијата за цивилите во Алепо е прекината, заради вооружени напади во близина на конвоите.
Државните медиуми јавуваат дека бунтовниците го прекршиле договорот за прекин на огнот со владата, меѓутоа бунтовниците негираат. Во моментов не се знае кога евакуациите ќе продолжат.
Според претставничката на Светската здравствена организација Елизабет Хоф, на Црвениот крст и претставници на ОН им било порачано да ја напуштат областа.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија соработува со Турција за почеток на нова рунда мировни разговори за Сирија, со цел прекин на огнот на ниво на цела држава.
Тој додаде дека со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, предлагаат преговори меѓу сириската влада и опозицијата, што најверојатно ќе се одржат во главниот град на Казахстан, Астана.