Линкови за пристапност

Извиднички американски летови над Сирија


Претседателот Барак Обама не одобрил воена акција, но САД подготвуваат воени опции против Исламската држава

Виш претставник на Белата куќа вели претседателот Барак Обама дал авторизација за извиднички летови над Сирија.

Претставникот ова го кажа доцна во понеделникот потенцирајќи дека Обама не одобрил воена акција, но дека САД подготвуваат воени опции за борба против борците на Исламската држава кои заземале големи области во источна Сирија и северен и западен Ирак.

Авионите на САД изведуваат воздушни напади во Ирак, помагајќи им на ирачките и курдските сили да ја вратат територијата заземена од милитантите, вклучувајќи ја браната во Мосул што е клучна за снабдување со струја за многу жители на Ирак.

Официјални претставници на Пентагон изразија потреба да се следи групата на Исламската држава од двете страни на границата.

Операцијата ја комплицира тековната граѓанска војна во Сирија.

Претставници на Белата куќа велат дека Обама не сака акцијата на САД да се сфати како помагање на сирискиот претседател Башар ал Асад, кој во неколку наврати ги обвини „терористите“ за конфликтот што беснее во неговата држава повеќе од три години.

XS
SM
MD
LG