Линкови за пристапност

Водечките законодавци поддржуваат напад во Сирија


Прашањето за воена интервенција во Сирија ќе биде ставено на гласање во Конгресот следната недела.

Врвни американски законодавци од обете партии кажаа дека ќе го поддржат претседателот Барак Обама за воена интервенција против Сирија, кога прашањето ќе биде ставено на гласање следната недела.

Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер и лидерката на малцинството во Претставничкиот дом Ненси Пелоси дадоа изјави по денешната средба со претседателот Обама во Белата куќа.

Бејнер, лидерот на Републиканската партија во Претставничкиот дом, истакна дека САД имаат способност да го запрат сирискиот претседател Башар ал-Асад и мора да испратат предупредување до другите држави дека употребата на хемиско оружје нема да се толерира.

Ненси Пелоси, која во Претставничкиот дом ја предводи Демократската партија, вели дека употребата на хемиско оружје од страна на Сирија е „надвор од секакво цивилизирано однесување“. Таа кажа дека САД мора да одговорат.

Сириската влада порекнува дека армијата употребила хемиско оружје.

Демократката Дајен Фаинстаин, која претседава со Сенатската комисија за разузнавање, истакна дека целосно ја поддржува намерата на претседателот Обама за воена акција во Сирија. Конгресменот Енгел додаде дека се надева оти претседателот Обама ќе добие двопартиска поддршка за воена интервенција против, како што рече, военото злосторство.

Обама претходно подвлече дека е сигурен оти ќе соработува со Конгресот за добивање зелено светло за воена акција.

Тој додаде дека од Конгресот бара да одобри „пропорционална, ограничена“ воена интервенција што би испратила „јасна порака“ до режимот на ал-Асад и до која било друга земја заинтересирана за „тестирање на меѓународните норми“.

Тој додаде дека САД воедно имаат „поширока стратегија“ што вклучува надградба на капацитетот на сириската опозиција.
XS
SM
MD
LG