Линкови за пристапност

Во Минхен продолжија разговорите за Сирија


Во фокусот - рускиот предлог за прекин на огнот во оваа земја

Русија вели дека е подготвена да разговара за прекин на огнот во Сирија, додека министрите за надворешни работи се среќаваат во Минхен на разговори за ставање крај на речиси петгодишниот конфликт.

САД, Русија и другите земји од Меѓународната група за поддршка на Сирија во која членуваат 17 држави, одржуваат серија разговори во Германија на маргините на Конференцијата за безбедност што се одржува во Минхен.

Клучна точка за групата е рускиот предлог за прекин на огнот во Сирија, каде сириската офанзива во Алепо поддржана од Русија, ја влоши хуманитарната криза со тоа што илјадници цивили се приморани да ги напуштат своите домови и да се упатат кон границата со Турција.

„Подготвени сме да разговараме за процедурите за прекин на огнот“, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Генадиј Гатилов за новинската агенција Тас. Западните медиуми јавуваат дека според предлогот, прекинот на огнот би започнал на 1-ви март.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер кажа дека нема информација за конкретен датум околу рускиот предлог, но додаде дека САД претпочитаат тоа да се случи по итна постапка.

Државниот секретар во Минхен одржува серија средби со своите колеги, меѓу кои и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, како и лидерот на сириската опозиција, Ријад Хиџаб.

И покрај продолжителната критика околу сириските и руски воздушни напади против цели на Исламската држава, европски дипломати за Гласот на Америка изјавија дека се скептични околу предлогот на Русија за воведување на прекин на огнот.

Турски претставник за Гласот на Америка изјави дека, „Русија можно е да предлага вакво нешто сега, бидејќи ја заврши фазата од својата воена операција во Алепо. Во моментов, руските сили може да се фокусираат на подготовка за следната фаза, а тоа е Идлиб“, рече овој дипломат.

XS
SM
MD
LG