Претседателот Доналд Трамп, вели дека неговата администрација ќе одлучи како ќе одговори на наводниот хемиски напад врз сирискиот главен град, откако ќе ги разгледа фактите.
„Ќе има одговор, и тоа силен“, рече Трамп пред вчерашниот состанок со вишите воени лидери.
Тој ја истакна моќта на САД да се стопираат злосторствата, како нападот во Гута во неделата, при што беа убиени најмалку 40 лица.
„Имаме многу опции, воени“, рече тој, бeз да открие други детали.
Трамп го критикуваше поранешниот претседател Барак Обама за, како што вели тој, неуспешна стратегија на објавување планирани воени маневри пред време.
Сирија ја негираше употребата на хемиско оружје за време на конфликтот кој почна во 2011-та година, вклучувајќи го и неодамнешниот наводен хемиски напад.
Русија изјави дека нема доказ оти Сирија стои зад тој напад. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков, денес изјави дека САД зазеле неконструктивна позиција, и оти одбиваат да се соочат со реалноста.
Трамп вчера изјави дека добиваат добри објаснувања за тоа кој е одговорен за нападот. Тој претходно, на состанок во Белата куќа, рече дека САД ќе дознаат дали зад нападот стои Сирија, Русија, Иран или сите заедно.
Канцеларијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), денеска алармираше за продолжувањето на насилството во Сирија, конкретно во источна Гута, кое предизвикува жртви и ги принудува граѓаните да ги напуштат домовите.
УНХЦР повика сите страни да ги заштитат цивилите, и да им дозволат да се движат слободно.
Facebook Forum