Линкови за пристапност

ОН се фокусираат на хуманитарните потреби во Алепо


Од почетокот на најновата офанзива, наваму, загинале најмалку 500 лица, вклучувајќи и 100-тина цивили.

Советот за безбедност на ОН денеска одржува одвоен брифинг за хуманитарната ситуација во Сирија, каде владините сили поддржани од руските воени авиони им се спротиставуваат на бунтовниците во Алепо.

Заради операцијата, десетици илјади лица го напуштаат градот и се упатуваат кон турската граница. Ова предизвика загриженост кај ОН и организациите за помош коишто стравуваат од хуманитарна катастрофа во регионот.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија, соопшти дека од почетокот на офанзивата, наваму, загинале најмалку 500 лица, вклучувајќи и околу 100 цивили.

Портпаролот на Стејт департментот, Џон Кирби изјави дека ситуацијата во северна Сирија се влошува, повторно критикувајќи ја руската воздушна кампања.

Русија на повеќепати ја отфрли критиката за нејзините воени операции во Сирија, кои започнаа кон крајот на септември како поддршка на силите на претседателот Башар ал-Асад. Бунтовничките групи рекоа дека бараат бомбардирањата да престанат пред да ја разгледаат можноста да се вратат на мировните разговори под покровителство на ОН.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу ја повика меѓународната заедница да реагира против Русија заради „безмилосното“ напаѓање на цивилни цели во Сирија. Тој додаде дека неговата земја не ги затворила границите за за бегалци, иако во моментов ги нема згрижено бегалците од Сирија кои пристигнале изминативе неколку недели.

Државниот секретар, Џон Кери и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров утре се очекува да се сретнат во Минхен, каде меѓународните сили работат на обнова на мировниот процес којшто ОН го суспендираа минатата недела.

XS
SM
MD
LG