Линкови за пристапност

Поделени, светските сили разговараат за резолуцијата на ОН за Сирија


Русија против иницијативата на Франција, Британија и САД - да биде наведена можноста од употреба на сила.

Русија и западните сили и натаму се поделени околу тоа кој е одговорен за нападот со хемиско оружје во Сирија, но продолжуваат заедно да работат на резолуцијата на ОН за отстранување на сирискиот хемиски арсенал.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека нападот што се случи минатиот месец во близина на Дамаск бил провокација на бегалците, во обид да привлечат армиска помош од странство.

На заедничката прес-конференција по средбата во Москва, неговиот француски колега Лорен Фабиус, пак, кажа дека доказите изнесени во извештајот на инспекторите на ОН навидум не оставаат простор за сомнежи дека сириските владини сили употребиле хемиско оружје.

Лавров кажа дека дипломатите споделуваат иста цел – да донесат мир во Сирија, но дека имаат различни идеи како да го постигнат тоа.

Русија се противи на иницијативата на Франција, Британија и САД - во резолуцијата на ОН да ја внесат можноста од употреба на сила, во случај Сирија да не го испочитува договореното. Вашингтон и Лондон вчера соопштија дека сакаат енергична резолуција што на Сирија ќе и` даде прецизни и овбрзувачки рокови да го предаде хемискиот арсенал.

Вчера објавениот извештај на ОН наведува „јасни и убедливи“ докази дека во минатомесечниот напад бил употребен смртоносниот гас сарин, и тоа во релативно голема количина.
XS
SM
MD
LG