На грчката страна на границата со Македонија, во понеделникот, бегалци и други мигранти се обидоа да ја пробијат граничната ограда кога лутината за бариерите со кои се попречува нивниот влез се прелеа. Полицијата во Македонија се обиде со солзавец да ја задржи толпата луѓе надвор од земјата.
Додека се шират немири долж границите на Европа од страна на бегалците кои пребегуваат од Средниот Исток , кревкото примирје што започна во саботата го намали нивото на насилство во Сирија, но, аналитичарите велат дека се` додека големите играчи во регионот не се договорат како да ги надминат спротивставените ставови, борбите ќе продолжат и бегалската криза ќе се продлабочува.
Особено со доаѓањето на пролетта, ситуацијата ќе се влошува, вели Јан Сент Пјер од групата за безбедност „Мосекон“ со седиште во Берлин.
„Кога времето ќе биде потопло ќе има поголем прилив на бегалци и повеќе обиди за влез во Европа“.
Сите страни гo обвинуваат другиот за непочитување на условите за прекин на огнот, но, Обединетите нации велат дека релативниот мир може да им дозволи неделава да достават хуманитарна помош за 150.000 луѓе.
Министерот за надворешни работи на Франција, Жан Марк Ајраулт во понеделникот предупреди дека извештаите за продолжување на воздушните напади можно е да го загрози прекинот на огнот, заради што Франција побарала итен состанок на работната група задолжена за набљудување на примирјето.
Се гледа ли крајот?
Ставањето крај на војната ќе бара ривалските сили, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Иран и нивните сојузници да преговараат за прашања за кои имаат спротивставени ставови, вели Калед Алмаена, поранешен главен уредник на весникот Сауди Газете.
Тој вели дека Саудиска Арабија нема да прифати ништо што го вклучува претседателот Башар ал-Асад, верен сојузник на Иран, кој даде завет дека ќе ја заземе цела Сирија.
„Мислам дека политички сме доволно зрели да сфатиме дека мора да има период на транзиција“ додаде тој, „Ако Асад си замине тогаш кој ќе го пополни вакуумот?“
Тој вели дека мир во Сирија за кој се преговара е задача што не може да се заврши брзо.
Според Сент Пјер, моменталниот прекин на огнот може да доведе до мировен процес, но, исто така може и да им дозволи на некои војувачки групи можност да се прегрупираат и да се подготват за долготрајна битка.
Исто така, милитантските групи како Исламската држава и Фронтот ал-Нусра Фронт, не се дел од мировните преговори и примирјето и ќе го продолжат насилството.
Воздушните напади на коалицијата на САД и Русија врз милитантите на ИД како дополнение на војувањето на копно, придонесуваат за бегалската криза, вели Сент Пјер.
„Колку повеќе бомбардираат, толку повеќе бегалци произведуваат.“