Линкови за пристапност

Сирија смета дека конференцијата во Париз е „чекор во погрешна насока“


Сирискиот заменик- министер за надворешни работи Фаисал ал-Микдад
Сирискиот заменик- министер за надворешни работи Фаисал ал-Микдад

Виш американски претставник ја предупреди земјата да не ја попречува воздушната акција против милитантите на Исламската држава

Виш сириски претставник ја критикуваше меѓународната заедница затоа што не ја вклучила неговата земја на конференцијата за борба против Исламската држава (ИД), што вчера се одржа во Франција.

„Париската средба е уште еден чекор во погрешна насока. Веруваме дека меѓународната соработка против тероризмот не треба да исклучи ниту една ефикасна страна. Сирија последниве три години води битка против тероризмот. Таканаречената Исламска држава се бори против луѓето и во Ирак, и во Сирија... Да се заборави Сирија или да се игнорира нејзината улога, тоа само ќе придонесе да потфрлат оние што се сретнаа и во Париз, и во Џеда под слоганот да се борат против тероризмот“, изјави заменик- министерот за надворешни работи на Сирија, Фаисал ал-Микдад.

Американскиот претседател Барак Обама ја исклучи можноста да соработува со сирискиот претседател Башар ал-Асад против ИД. Официјален Вашингтон го смета Асад за нелигитимен водач и криминалец.

САД вршат воздушни напади против цели на ИД во Ирак и работат на градење на меѓународна коалиција што ќе вклучи воздушни напади, копнени сили и запирање на финансиите за милитантите.

Виш американски претставник ја предупреди Сирија да не ја попречува воздушната акција и подвлече дека во спротивно, САД би можеле да се одмаздат врз сириските системи за воздушна одбрана.

Обама веќе ги одобри воздушните напади против ИД во Сирија, но се` уште не решил дали да започне со нив. Минатата недела, тој во обраќање до американската нација подвлече дека САД ќе раководат со енергичната акција за уништување на исламските милитанти, каде и да се.

XS
SM
MD
LG