Линкови за пристапност

Нова рунда разговори за иднината на Сирија


Дипломатите од САД, Русија, и ОН утре во Женева се среќаваат да дискутираат за начини за напредок на мирот во завојуваната Сирија

Заменикот руски министер за надворешни работи Генади Гастилов за руската новинска агенција РИА рече дека Москва ќе ја искористи средбата да повика за интензивирање на заедничките напори против тероризмот.

САД и Русија не успеваат да се договорат за заедничка операција и затоа спроведуваат одделни воени кампањи во Сирија, каде во граѓанската војна загинаа повеќе од 250.000 луѓе.

Повеќето американски воздушни напади се насочени кон екстремистичките групи на Исламската држава, додека руските напади целат на сириските бунтовници, вклучувајќи и некои кои ја имаат поддршката од Запад.

Стејт департментот го потврди состанокот во петокот, и истакна дека делегацијата од Вашингтон ќе ја предводи помошничката-државна секретарка Ен Патерсон.

„Средбата ќе биде фокусирана на напорите да се обезбеди политичка транзиција, како и рамка за прекин на огнот“, изјави портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.

Специјалниот мировен пратеник на ОН за Сирија Стафан де Мистура ќе учествува на разговорите во Женева, кои се дел од пошироките дипломатски напори за ставање крај на конфликтот.

Таканаречениот „Женевски процес“ беше договорен минатиот месец, и има цел да обезбеди средба на сирискиот претседател Башар ал- Асад и поделената опозиција во Сирија до почетокот на јануари.

XS
SM
MD
LG