Линкови за пристапност

Иднината на Асад предизвика остра дебата на сириската мировна конференција


Кери не гледа место за сегашниот претседател во евентуалната транзициона влада. Лавров и Ал-Муалем подвлекуваат - Сиријците сами да одлучат.

Политичката иднина на сирискиот претседател Башар ал-Асад е каменот на сопнување за делегациите од преку 30 земји, од ОН и од завојуваните страни во Сирија - учеснички на долгоочекуваната мировна конференција во Швајцарија.

Американскиот државен секретар Џон Кери денес остро ја критикуваше сириската влада, велејќи дека кризата во земјата започнала кога војниците започнале да употребуваат се` поголема сила против мирољубивите демонстранти. Според американскиот државен секретар, со оглед на фактот дека владата и опозицијата се разидуваат околу иднината на Асад, тој не може да биде дел од транзиционата влада за која би се договориле спротиставените страни.

„Не постои замислив начин човекот што раководеше со бруталната пресметка со сопствениот народ да може повторно да добие легитимност да владее“, рече Кери.

Сирискиот министер за надворепни работи Валид ал-Муалем му порача на Кери дека само Сиријците имаат право да го изберат својот претседател. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го повтори ставот на Москва дека други земји не треба да имаат збор во сириските работи.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ја отвори конференцијата во Монтре, наведувајќи дека предизвикот да се најде мировно решение на кризата е голем, но дека присуството на сириските страни на конферецијата сепак дава надеж.

Сирискиот судир започна во март 2011-ва, кога мировните протести прераснаа во граѓанска војна. Според ОН, досега загинале далеку над 100.000 лица, а речиси 9 милиони останале без покрив над главата.
XS
SM
MD
LG