Пред преговорите на меѓународно ниво за Сирија, американскиот државен секретар Џон Кери, во Виена, одвоено се среќава со неговите колеги од Иран и Русија. Тој овие преговори ги нарече „најветувачка“ можност до сега за завршување на крвавиот конфликт во земјата.
Освен одвоените разговори со иранскиот и рускиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф и Сергеј Лавров, Кери учествуваше и на неофицијални средби за Сирија со високи дипломати од Русија, Саудиска Арабија, Турција, Австрија и ЕУ.
„Ќе видиме што ќе се случи“ рече Кери на пат за средба со австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Куртс.
Куртс вака ги претстави предизвиците што се пред дипломатите:
„Ги имаме Америка, Саудиска Арабија и Турција на една страна и Русија и Иран на друга, кои работат во сосема различна насока.“
Во петок, за време на средбата за пеглање на разликите во врска со иднината на сирискиот претседател, Башар ал-Асад, ќе бидат вклучени и други нации.