Линкови за пристапност

Асад вели дека ќе ја исчисти Сирија од „терористи“


Американската државна секретарка Клинтон, пак, ги повика светските сили да се подготват за периодот по падот на режимот на сирискиот претседател.

Додека сириските владини сили продолжуваат да се борат против бунтовниците кои се обидоа да заземат делови од Алепо и Дамаск, сирискиот претседател Башар Ал-Асад вети дека ќе ја исчисти својата земја од, како што ги нарече, терористите.

Според сириските државни медиуми, Асад по состанокот со секретарот на Иранскиот совет за национална безбедност, Саид Џалили, рекол дека нема да има милост кон „терористите“. Сириската телевизија објави снимки од средбата, со што по првпат од две недели тој се појави на телевизија.

Џалили вети натамошна иранска поддршка за Сирија, за која кажа дека е дел од „оската на отпорот“ против странските противници.

Претходно денеска, Иран соопшти дека ги смета САД одговорни за животите на 48 Иранци кои сириските бунтовници ги грабнале саботата во Дамаск. Според иранските медиуми под државна контрола, иранското Министерство за надворешни работи му пренело на швајцарскиот претставник во Техеран дека очекува САД да го искористат своето влијание за да обезбедат безусловно ослободување на грабнатите Иранци. Швајцарија ги застапува американските интереси во Иран бидејќи Вашингтон и Техеран немаат дипломатски односи. Во минатото, САД имаат изјавено дека даваат поддршка на сириските бунтовници, но не во смртоносно оружје.

Иран тврди дека грабнатите се аџии, но бунтовничката Армија за ослободување на Сирија ги смета за припадници на Иранската револуционерна гарда кои биле во извидница.

Според активистите за човекови права, денес загинале десетици лица во насилствата што и натаму траат во Сирија.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон смета дека е време светските сили да започнат да се подготвуваат за она што ќе се случи откако ќе падне режимот на Асад. Таа коментираше од африканската турнеја, за време на посетата на Јужна Африка. Клинтон рече дека не може да предвиди кога точно ќе падне владата на Асад, но дека е убедена дека тоа ќе се случи. Таа најави дека има намера да разговара за ова прашање на средбата со турските претставници во сабота во Истанбул.

„Интензитетот на борбите во Алепо и пребегнувањата навистина укажуваат на тоа колку е важно да се обединиме и да соработуваме на добар транзиционен план“, кажа Клинтон.
XS
SM
MD
LG