Сирија и Русија ги обвинија САД за лажење во врска со употребата на хемиско оружје во сирискиот конфликт, со цел попречување на напорите за ставање крај на борбите.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, за информативната агенција „Интерфакс“, изјави дека секогаш кога ќе има напредок во напорите за постигнување мир, САД промовираат „лажирани и непроверени извештаи“ за напади со хемиско оружје во Сирија.
Неговите коментари уследија ден откако САД им се приклучија на НАТО сојузниците, во кампањата за притисок против употребата на хемиско оружје во Сирија, издвојувајќи ја Русија оти дава заштита на Владата на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Говорејќи вчера во Париз, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, изјави дека неодамнешните напади во Источна Гута предизвикуваат сериозна загриженост дека сирискиот режим на Башар ал Асад би можел да продолжи со употреба на хемиско оружје против сопствениот народ.
„Кој и да ги извел нападите, Русија во крајна линија е одговорна за жртвите во Источна Гута, како и за безброј други Сиријци, врз кои биле извршени напади со хемиско оружје“, рече Тилерсон, додавајќи дека во нападот со гас во Источна Гута во понеделникот, загинале најмалку 20 лица.
Тилерсон, заедно со министрите за надворешни работи од Франција, Германија и на Турција, беше меѓу присустните на отворањето на конференцијата „Меѓународното партнерство против неказнивоста за употребата на хемиско оружје“, а над дваесет држави ја прифатија политичката определба за споделување на информации во борбата против употребата на хемиско оружје во светот.
Facebook Forum