Линкови за пристапност

Белата куќа го осуди погубувањето на Касиг


Абдул-Рахман Касиг во хуманитарна акција на сириската граница
Абдул-Рахман Касиг во хуманитарна акција на сириската граница

Додека „Исламската држава ужива во колежот на недолжни“, Касиг „беше хуманитарец којшто работеше да спаси животи на Сиријци“

Американските власти ја потврдија веста дека милитантите на Исламската држава (ИД) го погубиле американскиот заложник Абдул-Рахман Касиг. Во изјавата од Белата куќа, претседателот Барак Обама изрази сочувство до семејството на Касиг, велејќи дека „неговиот живот, во чин на чисто зло, го одезеде терористичка организација што светот со право ја поврзува со нехуманоста“. Додека „ИД ужива во колежот на недолжни“, Касиг „беше хуманитарец којшто работеше да спаси животи на Сиријци, повредени и раселени од сирискиот судир“, соопшти Белата куќа.

ИД досега уби петмина заложници од Западот. Пред Касиг беа погубени Британците Дејвид Хејнс, поранешен воздухопловен инженер и Алан Хенинг, такси-возач, како и Американците Џејмс Фоли и Стивен Сотлоф, новинари.

Абдул-Рахман Касиг, беше познат како Питер Касиг, пред да го смени презимето.

Секретарот за одбрана Чак Хегел ја истакна неговата служба како армиски ренџер во Ирак: „Мислам дека фактот што се врати за да им помогне на луѓето на коишто виде дека им е потребна помош говори доволно за тој кој беше и во што веруваше. Има луѓе коишто во својот живот имаат исклучителни вредности и принципи и Питер Касиг беше таков, ги применуваше и го чинеа животот“.

26-годишниот Касиг, којшто бил сведок на страдањето на Сиријците за време на посетата на регионот како студент во 2012-та, беше грабнат во источна Сирија во октомври 2013-та додека доставувал помош од хуманитарната организација за која работел, Специјална итна помош и подршка.

Како и во останатите видео-снимки од погубувањата, и на најновата говори лице со британски акцент, маскирано во црно. Тоа порача дека го погребуваат „првиот американски крстоносец“ во северниот сириски град Дагиб, како и дека иста судбина ги чека другите американски војници.

Во вчера објавеното соопштение, семејството Касиг ги повика медиумите да не ја објавуваат снимката од обезглавувањето, велејќи дека тоа ќе оди во корист на грабнувачите.

XS
SM
MD
LG