Американскиот секретар за одбрана Џим Матис, изјави дека САД не ја исклучуваат можноста за воена акција против Сирија, откако претседателот Доналд Трамп објави дека ќе биде платена голема цена.
Матис додаде дека САД „соработуваат со сојузниците и партнерите, од НАТО до Катар и на други места, со цел осврнување на прашањето“.
САД претходно ја повикаа Русија да ја повлече безрезервната поддршка за сирискиот режим и да соработува со меѓународната заедница за спречување на идни варварски напади со хемиско оружје.
Портпаролката на Стејт департментот Хедер Нуерт, преку писмено соопштение кажа дека САД ги следат извештаите за нападот со хемиско оружје од саботата врз болница во Дума, Сирија.
Сирија и Русија соопштија дека два израелски воени авиона кои дејствувале во воздушниот простор на Либан, извршиле напад врз база во централна Сирија.
Од израелската армија не ги коментираа нападите врз базата Т4 во провинцијата Хомс.
Сириска опсерваторија за човекови права со седиште во Британија, соопшти дека во нападот загинале 14 лица, вклучувајќи и припадници на иранските сили.
Во февруари, Израел ги обвини иранските сили дека ја користат локацијата за испраќање на беспилотни летала на израелската територија. Тел Авив одговори со напад врз сириската воздушна одбрана и ирански воени цели во Сирија.
Во првичните извештаи на сириските државни медиуми, за нападот беа обвинети САД, кои заедно со Франција ги негираа наводите.
„Продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата и ги поддржуваме тековните дипломатски напори за да ги држиме одговорни оние кои користат хемиско оружје во Сирија и на други начини“, се вели во соопштението на портпаролот на Пентагон, Кристофер Шервуд.
Сирија во неколку наврати негираше дека користела хемиско оружје за време на конфликтот, вклучувајќи го и нападот во саботата во предградие на Дамаск, во кое загинаа најмалку 40 лица.
Доцна во неделата Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон остро ги осудуваат нападите со вакво оружје во Сирија и се согласија дека владата на сирискиот претседател Башар ал Асад „мора да биде одговорна за постојаните прекршувања на човековите права“.
Од канцеларијата на Макрон додале дека двете страни „размениле информации и анализи што ја потврдиле употребата на хемиско оружје“.
Трамп на Твитер напише дека ќе биде „платена висока цена“ за она што го нарече, „безумен хемиски напад“.
Во ретка директна осуда кон рускиот претседател Трамп напиша: „Претседателот Путин, Русија и Иран се одговорни“.
Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли тврдењата за хемискиот напад.
Трамп не кажа како САД би можеле да одговорат на наводниот напад, но советникот за домашна безбедност и контра-тероризам, Томас Босерт за телевизијата Еј-Би-Си, изјави дека ништо не е отфрлено.
За денеска е закажана седница на Советот за безбедност на ОН, откако девет земји побараа итен состанок.
Европската унија соопшти дека „доказите укажуваат на уште еден напад со хемиски оружје“ од страна на сирискиот режим.
Facebook Forum