Линкови за пристапност

Одложен планот за евакуација во Алепо


Сириската опсерваторијата за човекови права соопшти дека имало воздушни напади на останатите делови на Алепо под контрола на опозицијата

И денеска продолжија жестоките борби во Алепо, Сирија, додека различните страни во конфликтот и нивните симпатизери си ја префрлаат вината за прекршување на прекинот на огнот, а планот за евакуирање на цивилите и бунтовниците е одложен.

Сириската опсерваторијата за човекови права соопшти дека имало воздушни напади на останатите делови на Алепо под контрола на опозицијата, што бунтовниците ги зазедоа пред четири години.

Русија ги обвинува бунтовниците за прекршување на примирјето договорено во вторникот, велејќи дека биле напаѓани сириски владини позиции. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган кажа дека владините сили биле тие коишто први нападнале. Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин во текот на денов требаше да дискутираат за ситуацијата во Алепо.

Русија, која го поддржува сирискиот претседател Башар Ал Асад, и Турција, која ги поддржува бунтовниците кои сакаат да го тргнат од власт, склучија договор што вклучуваше и евакуации кои се очекуваше да почнат утрово.

Досега имаше бројни напори за прекин на насилството во Алепо и извлекување на илјадници жители кои имаат итна потреба за храна и лекови. Сепак, веќе неколкупати овие иницијативи пропаднаа, вклучувајќи го и примирјето со посредство на Русија, САД и Турција.

Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура условите во Алепо ги опиша како „мошне загрижувачки“.

Тој повика на обезбедување на итен пристап на ОН во источниот дел на Алепо, за да го потврдат примирјето и да вршат надзор на евакуацијата на цивилите.

За време на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН во вторникот, западните претставници упатија остра критика на Русија за продолжителната воена поддршка на владата на Асад и повеќемесечното насилство врз локалното население.

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин, ги отфрли овие обвинувања, нарекувајќи ги дезинформација и психолошка војна.

XS
SM
MD
LG