Линкови за пристапност

САД нападнаа сириска база како одговор на употребата на хемиско оружје


Акциите биле насочени кон воениот аеродром Шајрат

Американската армија во петокот наутро истрела кртосувачки ракети кон Сирија, како одговор на нападот со хемиско оружје за кој се обвинети силите на претседателот Башар Ал-Асад, при што загинаа околу 100 цивили. Ова е прв директен напад на САД врз сириски владини сили.

Претседателот Доналд Трамп ги повика сите цивилизирани држави да се придружат на САД во ставањето крај на убиството и крвопролевањето во Сирија.

Околу 4:40 по локално време, од разурнувачите на американската морнарица, УСС Рос и УСС Портер, распоредени во источниот Медитеран, беа истрелани 59 Томахавк ракети. Американски официјални претставници изјавија дека лансирањето на ракетите траело три до четири минути.

Кабинетот на сирискиот претседател Башар Ал-Асад издаде соопштение, во кое нападите ги нарече „несовесни“ и „неодговорни“, додавајќи дека биле „избрзани“ и се продолжување на политиката на САД за „потчинување на луѓето“.

Русија, која обезбедува војска и воздушна поддршка за владата на Асад, ја осуди акцијата на САД, нарекувајќи ја „агресија против суверена држава“.

Американските акции биле насочени кон воената база Шајрат, која се наоѓа во западниот дел на Сирија. Официјален претставник на морнарицата на САД, за Гласот на Америка изјави дека базата била цел, бидејќи најверојатно била користена за извршување на нападите со хемиско оружје во вторникот.

Нервен гас сарин

„Имаме високо ниво на увереност дека нападите биле извршени од авиони под команда на режимот на Башар Ал-Асад, и мошне сме сигурни дека во нападите бил употребен нервен гас, сарин.“, изјави државниот секретар Рекс Тилерсон.

Советникот за национална безбедност Мекмастер, рече дека во нападот биле избегнувани складиштата каде што официјални лица веруваат дека се чува нервниот гас.

Портпаролот на Пентагон, капетанот Џеф Дејвис, кажа дека цел на нападите биле авиони, објекти за логистика, складишта за нафта и бункери за чување на муниција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG